Загрижува тоа што Советот на јавните обвинители цели 4 години не е запознаен со тоа дали определени јавни обвинители одат на работа или не, иако ова тело има задача да ги разгледува и оценува годишните извештаји на јавните обвинителства, се вели во извештајот на Коалицијата „Сите за правично судење“ која ги следи седниците на Советот на јавни обвинители.
Од Коалицијата објаснуваат дека овие обвинители со одлука на републичкиот јавен обвинител имаат задолженија да се грижат за се она што остана во поранешното СЈО.
Дополнително, се вели во извештајот, еден од обвинителите за кои стана збор е воедно и јавен обвинител задолжен за канцеларијата за врски со Европравда, па така овој обвинител изготвува и посебни извештаи за работата како обвинител во канцеларијата за врски, во кои извештаи е нотирано дека јавниот обвинител користи посебни канцеларии, надвор од зградата на матичното јавно обвинителство.
„Во оваа насока, јавниот обвинител на Република Северна Македонија има донесено и посебни одлуки со кои на споменатите обвинители им се даваат задолженија и обврски кои се однесуваат на грижа за материјалите, инвентарот и просториите кои ги користеше поранешното Специјално јавно обвинителство. Оттука е навистина нејасно како Советот за цел овој временски период, не бил запознаен со ваквата состојба и оправдано се покренува прашање за должното внимание со кое членовите на Советот ги извршуваат своите надлежности“, нотира Коалицијата во извештајот за последната седница на Советот на јавни обвинители.
Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира и на како што велат,спорните одредби во Етичкиот кодекс, кои беа донесени по изјава на обвинителката Ленче Ристоска, а сега и се применуваат врз неа.
Односно, етичкиот кодекс со спорните одредби беше донесен во 2021 година, само еден месец откако јавниот обвинител против кого сега е поведена постапка пред етичкиот совет и тогаш јавно го критикуваше постапувањето на Советот на јавните обвинители.
„Коалицијата веќе во неколку наврати ја има истакнато својата загриженост во врска со одредбите во Етичкиот кодекс на јавните обвинители, особено од аспект на тоа дека истиот предвидува исклучително голем број на забрани за јавните обвинители за коментирање на случаите по кои постапуваат, но и забрана во јавност да ги коментираат одлуките и начинот на постапување на Советот на јавните обвинители и Јавниот обвинител на Република Северна Македонија. За жал, овие одредби, не само што не беа променети, туку истите веќе започнуваат да се применуваат во практиката, па така Советот веќе иницираше постапка против обвинител поради јавно изнесени критики за функционирањето на Советот. Притоа, со ова коинцидира и фактот што Етичкиот кодекс со спорните одредби беше донесен во 2021 година, само еден месец откако јавниот обвинител против кого сега е поведена постапка пред Етичкиот совет и тогаш јавно го критикуваше постапувањето на Советот на јавните обвинители, се вели во извештајот на Коалицијата.
Инаку, според извештајот на Коалицијата дискусијата за Ристоска почнала под точка разно, кога претседателот на Советот истакнал дека им стигнал допис од страна на Основен јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Куманово, во кој било наведено дека ова обвинителство има проблем со недостиг на јавни обвинители и дека еден обвинител кој со одлука на Советот е вратен да постапува во матичното обвинителство, откако СЈО престана да работи, сепак не оди на работа. Оваа забелешка се однесувала за обвинителот Љубомир Лапе.
Понатаму, Коалицијата „Сите за правично судење“ вели дека загрижува и фактот што изнесените ставови на Советот при интервјуто на претседателот на Советот се во насока дека јавниот обвинител мора да има докази за незаконско постапување од страна на член на Советот или Советот во целина за да може да изнесе јавни критики.
„Тука би сакале да потенцираме дека доколку јавен обвинител има докази за незаконско постапување, истиот е должен да отвори кривична постапка, а не да покрене јавна дискусија. Оттука, јавните дискусии за одредени прашања се начин како да се зајакне одговорно, отчетно и доследно постапување и почитување на стандардите за добро владеење и правна сигурност од страна на кој било орган, институција, или пак избрано или именувано лице“, се вели во извештајот на Коалицијата.
Коалицијата „Сите за правично судење“ на крајот од извештајот апелира Советот на јавните обвинители да ја унапреди транспарентноста во своето постапување, да ги прифати демократските принципи на добро владеење, да најде начин како да се справува и да се носи со јавните критики кои често се основани, како и да започне да ги извршува своите надлежности со должно внимание и свесност за далекосежните последици кои тие може да ги имаат за целокупниот правен поредок.