(ВИДЕО) Политичка драма: По неуспешен обид за бунт, Перу ја доби првата жена за претседател

По вистинска политичка драма, откако актуелниот шеф на државата Педро Кастиљо беше сменет неколку часа по обидот за распуштање на собранието, за првпат во историјата Перу доби жена за претседател. Дина Буларте, која досега ја извршуваше функцијата потпретседател, по драматичен ден положи заклетва во главниот град Лима.

Кастиљо претходно изјави дека сака да го замени Конгресот со „вонредна влада“, но пратениците се спротивставија на неговото барање и наместо тоа гласаа за негово отстранување, по што беше приведен и обвинет за бунт.

Перуанските медиуми објавуваат дека поранешниот претседател бил на пат кон мексиканската амбасада кога бил приведен.

Advertisements

Дина Буларте, 60-годишна адвокатка, по преземањето на функцијата изјави дека ќе служи до јули 2026 година, до крајот на мандатот на Кастиљо.

За време на церемонијата на полагање заклетва таа повика на политичко примирје за надминување на кризата во земјата.

„Барам мир и време да ја спасам земјата“, рече таа.


Драматичната серија настани во средата започна со обраќањето на Педро Кастиљо на државната телевизија, кога тој прогласи вонредна состојба. Потоа најави дека го распушта Конгресот во кој мнозинство имаат претставниците на опозицијата.

Објавата на Кастиљо ја шокираше перуанската и странската јавност, а неколку министри од кабинетот поднесоа оставки во знак на протест.

Претседателот на Уставниот суд на Перу го обвини Кастиљо за државен удар, додека САД „жестоко апелираа“ тој да ја смени одлуката.

Кастиљо се обиде да го распушти Конгресот само неколку часа пред почетокот на новата процедура за импичмент за него – трета таква постапка откако дојде на власт во јули 2021 година.

„Како одговор на барањата на граѓаните низ целата земја, решивме да формираме итна влада чија цел е враќање на владеењето на правото и демократијата“, рече Кастиљо.

Тој рече и дека сака „новото свикување на Конгресот да донесе нов Устав најмногу во рок од девет месеци“.

Но, членовите на Конгресот, во кој опозицијата има мнозинство, се спротивставија на предлогот на Кастиљо и свикаа итна седница за отповикување на претседателот. За импичментот гласаа 101 пратеник, шест беа против, а 10 не гласаа.

По импичментот, Кастиљо бил виден во полициските простории.

Фотографии кои беа објавени на официјалниот профил на полицијата на Твитер,  го покажуваат Кастиљо како седи, навидум опуштен, разговара со другите.

Потоа беа објавени видеа од Кастиљо како потпишува документи, а до него има луѓе од обвинителството. Тој подоцна беше приведен и обвинет за бунт и нарушување на уставниот поредок.

Перу минува низ тежок политички период, со неколку претседатели соборени од функцијата во последните години. Во 2020 година, Перу смени тројца претседатели во рок од пет дена.

Кастиљо, левичар и поранешен учител, беше избран во јуни 2021 година на избори каде што го победи десничарскиот ривал Кеико Фуџимори. Тој неодамна се соочи со обвиненија за корупција, нарекувајќи ги дел од заговор за негово соборување.