Димитар Ташковски: Високото образование не е на позицијата што ја заслужува во нашето општество

Како најава на неговата кандидатура за ректор на УКИМ, актуелниот декан на ФЕИТ Димитар Ташковски сподели неколку идеи и размислувања во поглед на развојот на високото образование во земјава.

Негов приоритет ќе биде нашиот најголем универзитет да се трансформира во современа и отворена образовна институција, преку низа на реформи кои ќе бидат постепено имплементирани.

Сите предвидени реформи и препораки од Димитар Ташковски можат да се најдат на неговиот веб-сајт https://tashkovski.mk.

Advertisements

Во продолжение, накратко ќе ги опфатиме најважните точки од неговата програма за враќање на статусот на УКИМ како угледна образовна институција.

Првиот чекор и најголем приоритет, според Ташковски, е хармонизација на студиските програми на УКИМ со европските универзитети и подигнувањето на квалитетот на наставниот процес. Според него, наставата треба да биде фокусирана на резултатите од учењето, со што на студентите ќе им се овозможи зголемено ниво на практични знаења релевантни за нивната идна кариера, а наставната методологија ќе ги користи сите најзначајни дигитални технологии. 

„Трансформацијата на УКИМ во истражувачки универзитет мора да започне со формирање силни и интердисциплинарни истражувачки групи, а да продолжи со зголемување на учеството на меѓународни проекти, како и подигање на квалитетот на научните трудови кои излегуваат од универзитетот. Тоа ќе придонесе и кон подигање на степенот на интернационализација и меѓународна препознатливост на УКИМ, што во иднина треба да го негуваме со реализирање на повеќе размени на студенти и професори, понуда на диференцирани студиски програми кои ќе се реализираат на англиски јазик и слично“, вели Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ.

Ташковски смета дека дообучувањето на административниот кадар и усовршувањето на човечките ресурси на УКИМ ќе бидат продуктивни и добредојдени за универзитетот да се стави во вистинскиот колосек. Ова подразбира обезбедување на услови за научностражувачка работа, поттикнување мобилност и проактивност, како и континуирана обука за сите кадри. 

Но, сепак фокусот треба да биде на студентите и нивното студентско искуство. Затоа, како дел од програмата се наведува дека ќе биде обезбедено соодветно финансирање за реализација на образовните и истражувачките активности. Приоритет е дигитализацијата на УКИМ во деловите на наставата, опслужувањето на студентите, како и оперативното работење на единиците. Тука се подразбира дека ќе биде обезбедена современа инфраструктура за настава и работа, современ простор за истата, лаборатории за научни истражувања, како и поддршка на процесот на доживотно учење. 

Според Ташковски, високото образование во земјава не е на позицијата што ја заслужува во едно општество. Предолгото игнорирање на проблемите во високото образование го имаат доведено најголемиот универзитет во ситуација на надолен тренд, кој тешко ќе се избегне ако не следат големи промени. 

„Долгогодишното деградирање на звањето универзитетски професор во општествениот живот, нелојалната конкуренција од формални и неформални образовни институции, како и исклучително ниското финансирање на науката од државата се дел од причините за оваа состојба. Потребна е поголема финансиска поддршка за наука и истражувања, вработување научен подмладок, посилни критериуми за унапредување во академски звања, посилни критериуми при изработка на магистерски и докторски дисертации, повисока свесност за предностите од соработка со академијата, зголемено ниво на дигитализација, современа лабораториска опрема и, конечно, современи студиски програми кои продуцираат кадри кои се побаруваат на пазарот на трудот “, вели Димитар Ташковски.