На состанокот на министрите за внатрешни работи на државите членки на ЕУ во Брисел, Хрватска доби едногласна поддршка за влез во Шенген зоната, додека пак влезот на Бугарија и Романија не беше одобрен.
Со оваа одлука Хрватска станува 27 членка на шенген просторот и за помалку од месец дена, од први 1 јануари 2023, се укинуваат граничните контроли на копнените и поморските гранични премиени, а на пролет, од 26 март 2023, и на аеродромите.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на својот профил на „Твитер“ ја соопшти веста од Брисел, велеќи дека со влегувањето во Шенген зоната Хрватска ги остварува своите стратешки цели, од кои најголема корист ќе имаат граѓаните и стопанството.
Hrvatska je dobila jednoglasnu podršku Vijeća za unutarnje poslove i pravosuđe – 1. siječnja 2023. postajemo članica #Schengen! U godini isporuke ostvarili smo strateške ciljeve @VladaRH, od kojih će najveću korist imati ?? građani i gospodarstvo!
✅ #Eurozone
✅ #Schengen pic.twitter.com/mPCGMpGZ1E— Andrej Plenković (@AndrejPlenkovic) December 8, 2022
Бугарија и Романија не добија „зелено светло“ за влез во шенген просторот, поради отсуството на консензус помеѓу членките на ЕУ.
Пред самиот состанок, австрискиот министер за внатрешни работи, Герхард Карнер, најави дека ќе стави вето за влезот на Бугарија и Романија и дека ќе ја поддржи Хрватска.
Тој посочи дека е неприфатливо годинава преку 100.000 нерегистрирани мигранти да влазат во Австрија преку западнобалканската рута, иако неговата земја е среде Европа и нема надворешни граници.
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер, која ги поддржува сите три земји, рече дека не ја разбираат позицијата на Австрија.
„Не можам да го разберам австриското гледиште за ова. Знам дека во Австрија се водат големи дискусии за ова прашање“, рече Фезер и додаде дека Германија ги поддржува сите три земји.
Шенген зоната е најголемиот меѓудржавен простор за слободно патување. Ја сочинуваат 26 земји, од нив 22 членки на ЕУ, вклучувајќи ги и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Околу 1,7 милиони луѓе живеат во една Шенген држава а работат во друга. Околу 3,5 милиони луѓе ги минуваат внатрешните граници секојдневно.
За влез во Шенген зоната потребна е едногласна одлука на сите членки на ЕУ.