Политичката партија Македонски концепт, како промотор на идејата за донесување на македонско, а не
бугарско или хрватско решение за ЕУ, објави НОВ ГРАЃАНСКИ УСТАВ – нацрт Преамбула и дел од
нормативните решенија.
Лидерот на партијата Петар Богојески на прес конференција го прочита предлогот на Македонски концепт како да гласи Преамбулата која може во целост да ја прочитате подолу.
Богојески вели дека во нормативен дел е предвидено да пишува:
„Сите јазици на сите македонски граѓани се во службена употреба на целата територија на
Републиката, со користење на македонскиот јазик како задолжителен во државните институции и
„лингва франка“ (заеднички јазик за сите) и јазик за меѓунардна употреба и официјално претставување
на државата во мултилатерална и билатерална комуникација“.
Сите етнички знамиња на сите етнички заедници, вклучително и македонската, се во службена
употреба во задолжително присуство на националното – државно знаме, на целата територија на
Републиката.
„Официјални симболи на државата се: знаме, грб и химна. (знамето останува исто, официјален грб
станува земскиот грб на Македонија, химната „Денес над Македонија се раѓа“ се менува во текстот и се
внесува термин „македонски граѓани“)“, вели Богојески.
Како гласи Преамбулата во предлогот на Македонски концепт
„Ние, македонските граѓани како луѓе обдарени со природни и неотуѓиви права, по самото свое раѓање,
тргнувајќи од заедничките вредности и наследство, се договоривме да ја конституираме нашата
татковина Република северна Македонија како самостојна, суверена, независна, демократска и
граѓанска држава – Република, дом на сите нејзини граѓани, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и
иднината на новите генерации, свесни и благодарни на нашите предци за жртвите и посветеноста во
нивните заложби и борба за создавање на заедничка држава на сите нејзини граѓани, без разлика на
етничката, религиозната, половата или било каква друга припадност и стремежот за зачувување на
историското културно, духовно и државно наследство на македонскиот народ и неговата вековна борба
за национална и социјална слобода и државност, преточена низ државно – правните традиции и акти на
Македонското востание, Македонската Револуционерна Организација, Илинденското востание и
Крушевската Република, АСНОМ, уставно-правниот континуитет на македонската држава како суверена
Република согласно Уставите од 1946 година до Декларацијата за самостојност, сувереност и
независност на Република Македонија од 25 јануари 1991 година и слободно изразената волја на граѓаните на Република Македонија на референдумот од 8 септември 1991 година и Уставот од 17 ноември 1991 година, вклучително и Охридскиот рамковен договор од 13 август 2001, а пред се одговорни за зачувување и развој на соживот помеѓу сите етнички заедници, еднакви во своите индивидуални граѓански и човекови права и обврски кон заедничкото добро, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се обезбеди
мир, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република северна Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат овој УСТАВ НА РЕПУБЛИКА северна МАКЕДОНИЈА“.