Од 200 компании за солидарен данок во државната каса ќе легнат над 76 милиони евра

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, на денешната прес-конференција објави дека по доставените завршни сметки од фирмите, пресметките говорат дека 200 компании ќе го платат дополнителниот еднократен кризен данок.

Законот за солидарен данок е втор пат поднесен во Собранието, овој пат е поднесен по скратена постапка. Стопанската комора и членовите на „КЛУБ 100“ претходно реагираа во јавноста дека не се согласуваат со власта да бидат дополнително фискализирани. Владата планира со овој данок во Буџетот да собере скоро пет милијарди денари односно 76,4 милиони евра.

„Врз основа на сите евиденциски анализи кои што ги имаме направено, согласно даночните биланси кои што ги имаат доставено компаниите, околу 200 од нив би требало да бидат опфатени со овој данок на солидарност. Зборуваме за споредбени податоци на 2022 со 2021 година, итн“, рече Лукаревска.

Advertisements

Како што беше објавено и при првиот обид за носење на законот, обврска за плаќање на „солидарниот“ данок ќе имаат компании кои во 2022 година оствариле приход поголем од 615.000.000 денари.

– Предлог на законот предвидува воведување на данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка. Обврзник за плаќање на овој вид на данок е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари. Даночната основа за пресметување наданокот за солидарност претставува позитивната разлика помеѓу износот на даночната основа по намалување утврден во даночниот биланс за оданочување на добивката на АОП 49 за 2022 година или просечниот износ на даночната основа по намалување за 2021 и 2022 година и просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди зголемен за 20 отсто. Во случај на статусни промени се предвидува повисок процент на зголемување на просечниот износ на даночната основа за претходните даночни периоди, односно 30 проценти – се наведува во решението доставено повторно во Собрание.

Наведените обврзници, на претходно спомената основа ќе имаа обврска да платат данок за солидарност во 2023 година по стапка од 30 проценти. Имено, истите ќе бидат должни да ја утврдат даночната основа на образецот „ДБ-ДС – Даночен биланс за оданочување со данок за солидарност“ и да го платат данокот за солидарност во рок од 30 дена од истекот на рокот на неговото поднесување.