Премиерот Димитар Ковачевски иако најави дека функционерските плати кои беа зголемени за 78 отсто ќе се корегираат со ново законско решение кога одлуката на уставните судии ја крена на нозе целата јавност, засега се е по старо. Најавата на премиерот очигледно имаше само еднократна употребна вредност колку да ја смири бурата во јавноста, а во суштина на контото на функционерите и понатаму да си течат убави плати кои кај некои се движат и до над 2.000 евра.
Функционерите земаат поголеми плати од април годинава, а толку е старо и ветувањето на премиерот за кое најверојатно е потребно повеќе време, образложение кое можеби и ќе беше прифатено од јавноста, ако Ковачевски и претходно не даде ветување кое не го реализира, иако помина повеќе од една година. Тоа ветување се однесуваше на високите плати, поголеми дури и од неговата и онаа на претседателот и пратениците, а се исплаќаат во акционерските друштва во државна сопственост, во државни агенции, во управни одбори како надоместоци.
Да се потсетиме колку беа силни најавите на премиерот Димитар Ковачевски, а кои и до ден денеска не се реализирани, ниту пак има информација дали наскоро ќе бидат спроведени. Изјавата на која денеска потсетуваме премиерот ја даде лани како одговор на пратеничко прашање на 70. седница на Собранието одржана на 28 април 2022 година. Во неа тој најавува дека во наредните шест месеци ќе се работи на изработка на нов Закон за плати, затоа што постои неконзистентност во платите, а оттогаш помина повеќе од една година.
„Имаме јавни претпријатија во коишто членови на управен одбор имаат поголеми плати од претседател на држава и 20-30 години никој тоа не го погледнал Мора да се направи реорганизација на системите кои што не се пипнати 30 години. Тоа се јавни претпријатија кои што креираат загуба и тоа мора да се направи, за да направиме ефикасна држава во која што приватниот сектор ќе ги добива најдобрите услуги од јавниот сектор и ќе биде секогаш способен и подобар и попродуктивен, за да може тоа да го финансира и во иднина“.
Од Владата во врска со поновите најави на премиерот дадени во април годинава дека нема да се покачат платите на функционерите автоматски и дека ова прашање ќе се решава системски преку нов закон за |Журнал.мк објаснуваат дека веќе подолго време се работи на Законот за систем на плати во јавниот сектор, а чиј предлагач ќе биде Министерството за информатичко општество и администрација.
– Целта на овој закон е единствен систем на пресметка на плати и надоместоци на плата за вработените во институциите од јавниот сектор, како и за избраните и именуваните лица, а ќе се заснова на единствена Методологија за пресметка на истите. Со ваквиот пристап ќе се надмине различното уредување на платите во јавниот сектор, преку регулирање на платите во повеќе области, вклучително и уредување на платите на избраните, именуваните и назначените лица во трговските друштва во државна сопственост“, велат од Владата на прашањето на Журнал.
Надлежните, понатаму објаснуваат дека се работи на законско решение со кое треба да се направат промени во повеќе области и во одговорот не прецизираат кога се очекува финалната верзија.
– Со цел реформата на пресметката на плати во јавниот сектор да биде соодветна и одржлива се организираат средби и состаноци помеѓу Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика, објаснуваат од Владата.
Претседателот Стево Пендаровски во интервју на Канал 5 исто така потсети дека и тој добил одговор дека прашањето на функционерските плати ќе се решава системски, а на прашање на новинарот во однос на неговата зголемена плата, Пендаровски рече дека зголемениот дел го донира. Неговата плата од април беше зголемена за 72.000. Претседателот на државата беше еден од првите и ретките, додека некои функционери се правдаа дека ја изгубиле платежната картичка (Љупчо Николовски), кој јавно кажа дека по ново неговата плата изнесува 165.000 денари, а претходно 93.000 денари.