Вучиќ: Ќе бараме враќање на војската и полицијата на Косово

Го договоривме текст што ќе го испратиме до командантот на КФОР, со кој ќе бараме враќање на нашите безбедносни сили на Косово, најави српскиот претседател Александар Вучиќ во неговото обраќање до јавноста, по повод последните случувања во северниот дел од Косово.

„Одлуката на Владата, согласно она што денеска го договоривме со претседателката на Владата, ќе биде донесена во понеделник или вторник“, рече Вучиќ.

Српскиот претседател како основа за барањето за враќање на безбедносните сили на Косово ја наведе Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

Advertisements

„Со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН потврдено е дека на договорен број српски воен и полициски персонал ќе им биде дозволено да се вратат во КиМ за да ги извршуваат своите функции, како што е наведено во Анекс 2. До денес, не се водени дискусии со КФОР во врска со враќањето на Армијата и полицијата на Република Србија“, рече Вучиќ, читајќи дел од договорениот текст на барањето.

Тој истакна дека нема илузии и дека знае дека ќе го одбијат тоа барање.

„Правниот јазик овде е многу прецизен, па потоа ќе ги видиме следните чекори, но добро би било еден ден да не ни кажат дека никогаш не сме го побарале тоа и дека ниту една влада и никој никогаш не смеел да праша за тоа, затоа што ни држеа секира над глава и рекоа „ако го побарате тоа, завршивте“ и тогаш знаете дека следи хибридна војна против вас и вашата влада“, рече Вучиќ.