Судството и борбата со корупцијата слаба карика за Македонија и во најновиот извештај на ЕК

Нема напредок во судството минатата година. Судскиот систем останува на одредено и умерено ниво на подготовка. Не е постигнат напредок, ниту во борбата против корупцијата. И во овој дел „земјата е меѓу одредено и умерено ниво на подготовка во превенцијата и борба против корупцијата“, се наведува во годишниот извештај на Европската комисија за Македонија.

Забелешките на Брисел се движат од судските преку реформите во јавната администрација и справувањето со корупцијата до силната поделеност и партизираност во работата на парламентот.

„Судскиот советот треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и треба да се спротивстави на секое надворешно влијание. Загриженост за несоодветно политички влијание предизвика контроверзното разрешување на претседателката на Судскиот совет. Има застој и во усвојувањето на новата стратегија за реформи во правосудството, со кои треба да се подобри работата на институциите,“ се вели во извештајот.

Advertisements

Според Брисел корупцијата преовладува во многу области и е прашање на загриженост.

„Се зголеми бројот на одложувања и враќање на судски предмети поврзани со висока корупција што резултираше и со застарување на дел од овие случаи. Кривичниот законик беше изменет низ брза собраниска постапка што доведе до намалување на максималните казни за специфични корупциски кривични дела, а тоа пак се одрази и на запирање, па дури и на укинување на голем број случаи на висока корупција, дел од нив почнати од поранешното СЈО. Измените, исто така, ги блокираат обидите на надлежните институции за истражување и процесирање на слични дела. Ова претставува загриженост“, се вели во извештајот.

Во извештајот на ЕК е нотирана и прекумерна, а понекогаш и несоодветна употреба на брзите процедури и на процедурата за ЕУ знаменцето.

„ЕУ знаменцето“ треба да се користи кога е директно поврзано со усвојувањето на закони чија главна цел е усогласување со правото на ЕУ, а не за кратка јавна дебата за важни прашања, се посочува во извештајот.

Според Европската комисија партиите не треба да штедат напори за исполнување на одамна задоцнетите заложби за внатрешни реформи кои датираат од третиот круг на „Дијалогот Жан Моне“ на почетокот на 2020 година.

Комисијата исто така посочува дека е потребна брза имплементација на препораките против корупцијата за да се зголеми транспарентноста на финансирањето на политичките партии. Парламентот треба да обезбеди навремено разгледување на законските извештаи што му ги испраќаат државните агенции и органи, се вели во извештајот.

Македонија според ЕК има постигнато одреден напредок во однос на борбата против организираниот криминал, борбата против тероризмот и насилниот екстремизам и продолжува да игра активна улога во управувањето со миграциските текови. Правната рамка за заштита на основните права е делумно усогласена со правото на ЕУ и стандардите за основните права.

„Земјата продолжува да ги исполнува своите општи обврски за основните права, но законодавството треба да се спроведува на посистематски начин. Некои значајни измени на Кривичниот законик беа усвоени во февруари 2023 година, со кои се регулираат кривичните дела на родово засновано насилство. Парламентот треба да врши именувања на независни и регулаторни тела врз основа на заслуги. Функционалната независност на телата за човекови права мора да се гарантира во секое време. Посебно внимание треба да се посвети на промовирање на недискриминација, зголемување на ефективноста во справувањето со криминалот од омраза и говорот на омраза и зајакнување на капацитетот и независноста на институциите задолжени за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата или заедниците. Треба да се зајакне капацитетот на службениците за спроведување на законот и кривичната правда за ефикасно спречување и кривично гонење на сите случаи на насилство, злосторства од омраза и говор на омраза.

Северна Македонија е меѓу одредено и умерено ниво на подготовка во областа на слободата на изразување . „Генерално, постигнат е ограничен напредок. Општиот контекст е поволен за слободата на медиумите и овозможува критичко медиумско известување. Изменетиот Кривичен законик и Законот за граѓанска одговорност за клевета го подигнаа севкупното ниво на правна заштита на новинарите. Сепак, забележани се голем број напади, закани и одредено застрашувачко однесување кон новинарите. Потребна е поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии. Потребна е реформа на јавниот радиодифузен сервис за да се зајакне неговата независност, професионални стандарди и финансиска одржливост“, се вели во извештајот.

Во однос на економските критериуми, се посочува дека Северна Македонија постигна одреден напредок и е на добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија.