Клиниката за Онкологија прекршила 37 законски прописи при набавката на лекови за пациентите болни од рак, истакна во својата презентација Рашела Мизрахи, претседателка на Анкетна Комисија која го истражува скандалот што ја потресе Македонија.
На Клиниката од 2018 година не постоел стручен колегиум кој согласно закон имал обврска да предлага до директорот набавка на лекови и друг потрошен материјал за вршење на дејноста на установата.
„Во Клиниката не се донесени медицински протоколи, упатства, насоки со кои ќе се воспостават правила и ќе се утвдат критериумите кои треба да ги исполнува пациентот за да прими биолошка терапија, ниту пак во оваа насока се носеле одлуки од стрна на стручниот колегиум. За мене ова е целосен внатресистемски башибозук со докази. Вкупниот број кој што јас го пронаоѓам по мое мислење е – 37 законски регулативи се прекршени во работењето на Универзитетската Клиника за радиотерапија и онкологија“, рече Мизрахи.
Клиниката го пречекорила т.н условен буџет за над 170%, иако немала согласност од Фондот.
„Со оглед на тоа дека немало стручен колегиум кој требало да ги отцрта реалните барања и потребите на пациентите се поставува прашањето од каде дојде листата на лекови за билошка терапија, таа е создадена некаде помеѓу директорот и Министерството за здравство“, посочи Мизрахи.
Согласно Законот за здравствена заштита секоја потреба од нова биолошка терапија бара одобрување од Министерството за здравство и анализа, додаде пратеничката посочувајќи дека таква анализа не постои.
Мизрахи истакна дека не биле запазени и други законски рамки.
„Здравствената дејност во зравствените установи од организациски аспект задолжително се врши согласно протоколи кои ги утврдува министерот за здравство. Вакви протоколи, акти, деловните, упатства или пак анализа во корелација со ФЗОМ и така натаму ние никогаш не видовме“, додаде Мизрахи.
Според претседателката на Анкетната комисија и трошењето на залихите во Клиниката не биле соодветно архивирани, потпишани и одобрени од страна на одговорните лица.
„Или ова во принцип значи дека се работело без никаква евиденција што забележал и Државниот завод за ревизија“, рече Мизрахи.