Извршителите не отпишале ниту еден долг поради застареност, се прават недоветни

Народниот правобранител Насер Зибери јавно им одржа лекција на извршителите и судиите, кои седум месеци одбиваат да ги применуваат измените на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето и не ги бришат застарените долгови кон извршителите под разни изговори. Им покажа како во согласност со нивниот закон, Законот за извршителите, треба веднаш кога ќе примат барање од граѓаните, да ја сопрат постапката поради застарување, пишува Макфакс.

Правобранителот Зибери констатирал дека од усвојувањето на измените на законите лани во јули досега извршителите не направиле ниту едно отпишување долг поради застареност иако граѓаните речиси секојдневно поднесуваат такви барања оти поминале повеќе од десет години од извршителскиот налог. Непостапувањето по законите секој извршител го оправдувал на свој начин.

„Се повикуваат на ненадлежност за постапување, се повикуваат на неможноста да постапуваат бидејќи ова прашање не е уредено и со процесен закон, односно не е уредено со самиот Закон за извршувањето, туку само во Законот за облигационите односи или се прогласуваат за ненадлежни од причина што во согласност со нашиот правен систем извршителот за застареноста не е должен да постапува по службена должност, односно да проверува“, вели правобранителот Зибери.

Advertisements

Понатаму, незадоволните граѓани имаат можност да се жалат од одлуката на извршителот во надлежниот суд. Но, и повеќето судови ги одбиваат приговорите. Зибери вели дека исклучок се судот во Куманово и судот во Битола, но сите други, генерално, ги одбивале приговорите од граѓаните.

И граѓаните што на суд добиле одлука да им се избрише долгот не им е избришан поради можноста за жалба во апелациските судови, кои ги укинуваат одлуките на основните судови и повторно ги ставаат во сила одлуките на извршителите за продолжување на постапката за извршување.

Правобранителот Зибери на прашањето зошто ги одбиваат барањата на граѓаните од основните и од апелациските судови добил одговор дека извршителите не се должни по службена должност да оценуваат застареност, дека извршителите не може да постапуваат бидејќи прашањето на застареноста и донесувањето на заклучокот за запирање на постапката за извршување не е уредена со Законот за извршувањето и така натаму. Ваквото оправдување Зибери смета дека е неидзржано, но му потврдило дека измените на Законот за облигационите односи во делот на застарувањето не даваат никаков ефект за граѓаните.

Кога ги слушнал и оправдувањата на Комората на извршителите за непостапувањето, Зибери вели дека самиот седнал, ги отворил законите и утврдил дека ако извршителите постапуваат по член 93 од Законот за извршувањето и ги применат измените на Законот за облигационите односи, нема апсолутно никаква пречка да ги избришат застарените долгови.

„Во членот 93 од Законот за извршувањето, во кој е уредено прашањето на запирањето на извршувањето, меѓу другото, во став 1 алинеја 1, точно е кажано дека ‘извршната исправа е правосилно укината, преиначена поништена или ставена вон сила, е основ за запирање на извршувањето, односно извршувањето се запира доколку настане една од овие елементи. Покрај другите случаи предвидени со овој закон, извршителот ќе го запре извршувањето по службена должност и ако извршната исправа е правосилно укината преиначена, поништена или ставена вон сила’. Ова го истакнувам поради фактот дека со измените на Законот за облигационите односи ваквите извршни исправи се надвор од сила бидејќи настанал апсолутниот рок на застареност. Ова е правниот основ извршителите да постапуваат во согласност со член 93 од Законот за извршувањето. Извршителот, едноставно, треба да констатира дека со заклучок се запира извршувањето“, посочи Зибери.

За надминување на ваквата непримена на законите, Зибери предлага Собранието, место немо да ја следи состојбата, да организира јавна дебата за ефектите од законите и да се бара решение оти не смее да се дозволи должниците да бидат жртви на игра меѓу институциите.

Фото: Академик