(ВИДЕО)„Македонија треба сама да зачекори кон ЕУ, а не да чека на Брисел“ – интервју со Самуел Наумовски потпретседателот на Македонски Концепт

 Самуел Наумовски, потпретседател на Македонски концепт е млад, амбициозен Македонец кој со својата професионална кариера и образование во областа на меѓународните односи ќе работи на интеграција на Македонски Концепт во семејството на Европските народни партии и интеграција на Македонија во Европската Унија.

Тој неодамна се закити со „значка на честа и посветеноста во борбата за македонската кауза”, како припадник и официјален застапник на политиките на политичката партија Македонски концепт. Да се биде „борец за македонската кауза” е голема чест, но и одговорност. Само чесни и достоинствени луѓе со личен интегритет и кредибилитет, вели Македонски концепт, може да се носат со товарот на каузата“.

Во интервју за Глаголица Наумовски со кого разговараме и за неговите лични мотиви од Шведска каде што е роден и каде што се образувал да дојде во Македонија и да се посвети на политичкиот живот овде, порачува дека Македонија треба сама да ги направи потребните чекори кон ЕУ, пред се да се справи со корупцијата и криминалот, а не да чека Брисел да го направи тоа за нас.

Advertisements

Кои се вашите приоритети во поглед на партискиот активизам, сега откако сте избран за потпретседател на партијата?

– Мој приоритет е да придонесам во амбицијата на Македонски Концепт е да ги обединиме Македонците околу европските идеали, партијата да ја воведеме во Европската Народна Партија (ЕПП), а Република Македонија во Европската Унија. Верувам дека нашата длабока посветеност кон принципите на прогресивниот патриотизам и идеалите на Илинден, нè прават идеален кандидат за членство во Европската Народна Партија и конечно во Европската Унија. Македонски Концепт веќе воспостави одлични односи и одржува активна комуникација со политички партии во Европа, кои се дел од ЕПП. Оваа поддршка и соработка со европските партии ни овозможуваат подобро позиционирање и поврзување на нашите политички цели со европските стандарди и вредности, што значително придонесува кон нашите напори за интеграција во Европската Унија. Нашата стратегија е цврсто заснована на вербата дека Македонија мора да ја преземе иницијативата во сопствените раце за да оствари европска иднина, а не само да чека помош од Брисел. Тоа подразбира активно вклучување на сите граѓани и промовирање на транспарентност и одговорност во сите области на управување.

Вие доаѓате од Шведска, кој е мотивот да дојдете и да дејствувате во Македонија?

– Веруваме дека македонската дијаспора, на која и јас сум дел, треба да се вклучи активно во изградбата на нашето општество. Ангажирањето на македонската дијаспора е од суштинско значење за иднината на нашата земја. Дијаспората не само што може да придонесе кон економскиот развој преку инвестиции и трансфер на знаења, туку исто така може да ја засили нашата меѓународна присутност и да ги подобри нашите дипломатски врски. Организирањето на редовни форуми и конференции би обезбедило платформа за средба на македонската дијаспора со домашните политички и економски лидери, што би го зголемило нивното влијание во процесите на одлучување и развој на стратегиите за земјата.

Кои се клучните чекори, според вас, за интеграција на Македонија во ЕУ?

– Борбата против криминалот и корупцијата е од суштинско значење за нашата земја. Ние треба сами да ги направиме потребните чекори кон ЕУ, нечекајќи Брисел да го направи тоа за нас. Воведувањето на нови, млади луѓе во политиката, со нови идеи и искуства од други земји, е исто така од клучно значење за обнова на нашата политичка сцена. Ние сакаме да покажеме дека Македонија е подготвена да прифати европски вредности и стандарди, што бара значајни реформи и силна волја.

Како гледате на опасноста од отворена војна во Европа, која веќе е во тек во Украина?

– Нашата партија силно се противи на секој вид на империјализам и нарушување на суверенитет, како што е случајот со руската инвазија во Украина. Македонски Концепт верува во меѓународното право и во тоа дека никој не треба да се меша во суверените права на другите земји. Според министерот за надворешни работи на Украина, г-дин Кулеба, кој изјави дека „Македонија е Украина на Балкан“, ние гледаме сличности во нашите искуства со нашите поголеми соседи, во случајов конкретно со Бугарија.

Кое е вашето решение на проблемот со Бугарија?

– Реформата на Уставот во Македонија преку воведувањето на нов граѓански Устав е клучна точка во нашата политичка агенда. Нашиот предлог за граѓански Устав се основа на идејата за обединување на сите граѓани под еден заеднички идентитет, каде што сите ќе бидат третирани еднакво, без разлика на нивната етничка, верска или културна припадност. Оваа реформа е важна не само за зајакнување на националното единство и социјалната кохезија, туку и за подобрување на меѓународниот имиџ на Македонија како земја што се движи кон демократски стандарди и европски вредности.

Кое се вашите очекувања од таква темелна реформа на Уставот?

– Еден од основните бенефити од воведувањето на граѓански Устав е подигањето на правната и институционалната рамка на земјата на повисоко ниво. Тоа ќе придонесе кон создавањето на повеќе транспарентно и одговорно управување, кое ќе биде во служба на сите граѓани. Со Устав кој гарантира рамноправност и заштита на правата на секој поединец, можеме брзо да се интегрираме во ЕУ. Доминација на индивидуализмот над колективизмот, е европска вредност која ќе ја воспоставиме и во Македонија.

Дали имате конкретни очекувања од новата Влада, која треба да се формира по завршување на изборите?

– Македонија има потреба од културна и професионална дипломатија, со цел да изгради добри односи со соседните земји, што е од суштинско значење за зајакнување на регионалната стабилност и иднина. Соработката со соседите не само што може да ја зголеми меѓусебната доверба и разбирање, туку исто така е клучна за економскиот развој на секоја од земјите во регионот. Преку заеднички проекти и иницијативи, можеме значително да ги зголемиме шансите за економска интеграција, што ќе резултира со зголемување на трговијата, инвестициите и туризмот. Таквата стратегија не само што ќе ја поттикне економската динамика, туку и ќе придонесе за создавање на мир и просперитет во целиот регион.