Преговорите меѓу САД и Иран во Пакистан завршија без договор

Преговорите меѓу САД и Иран, одржани во Исламабад, завршија без договор по маратонска 21-часовна рунда разговори, објавија светските агенции. Со тоа, не беше постигнат очекуваниот пробив за трајно смирување на шестнеделниот конфликт, а под знак прашање останува и кревкото примирје што важеше како основа за овие разговори.

Според американската страна, клучен камен на сопнување било одбивањето на Иран да се обврзе дека ќе се откаже од нуклеарни амбиции, додека Техеран возврати дека Вашингтон поставил прекумерни и неприфатливи барања. Меѓу спорните точки биле и иднината на Ормутскиот Теснец, нуклеарното разоружување, санкциите и ослободувањето на замрзнати ирански средства во странство.

Разговорите во Пакистан беа оценети како највисоко ниво на директен контакт меѓу двете земји во повеќе од една деценија, но нивниот крај без договор сега ја зголемува неизвесноста околу можноста за нова ескалација. Иако засега нема потврда дека дипломатскиот процес е целосно прекинат, во моментов не е закажана нова рунда преговори, а делегациите веќе го напуштија Исламабад.

Пакистанските посредници, според агенциските извештаи, и понатаму повикуваат на продолжување на дијалогот и зачувување на примирјето, оценувајќи дека секое ново влошување би имало висока човечка и економска цена.