-Транспарентноста и отчетноста претставуваат клучни приоритети во функционирањето на здравствениот систем и континуирано работиме на подобрување на процедурите и зголемување на довербата во здравствениот систем. Согласно извештајот – во здравството уделот на жалбените решенија изнесува 2,43%, што е под вкупниот државен просек од 2,88 отсто. При тоа најголем дел од спорните точки се поврзани со евалуацијата на понудите. Токму затоа Министерството веќе презеде мерки, кои дадоа и први конкретни резултати – за помалку од шест месеци го зголемивме резултатот во системот на интегритет од 34,2% во 2024 на 66,15% во 2025. Во истата насока е и тригодишната набавка на лекови за ретки болести, која носи континуитет за пациентите и подобро планирање за добавувачите. Нашата цел е здравството да не биде само под државниот просек, туку да стане пример за законитост, предвидливост и доверба, истакна министерот Азир Алиу на денешниот настан, организиран од Центарот за граѓански комуникации, посветен на дијалогот за зајакнување на антикорупциските мерки во јавните набавки.
Како дел од реформите, во новиот Закон за лекови се предвидени поефикасни процедури за одобрување и регистрација на лекови, модернизација на системот, скратување на времето за нивна достапност и воспоставување механизми за следење на снабдувањето, со цел спречување евентуален недостиг. Воедно, дигитализацијата останува важен сегмент во зајакнувањето на транспарентноста.
Исто така, е креиран нов јавен портал за донации, како и онлајн платформа за анонимно пријавување неправилности и корупција во здравството, што овозможува зголемена доверба на граѓаните и поефикасна заштита на јавниот интерес.


