По последните информации кои доаѓаат од Град Скопје дека жичницата на Водно нема да работи цело лето и не се знае кога ќе проработи, претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка, Моника Зајкова, потсети на алармот од пред една година, кога се утврди дека жичницата работела без дозвола.
„Не сме Ванѓа ама укажувавме уште пред 1 година (16.08.2025), тогаш ни се потсмеваа, денес алармот кренат… Не сакам да замислам што се можело да биде односно сигурно ‘трагедија’ (убиство) затоа што ‘системот’ (Град Скопје) потфрлил“, пишува Зајкова во својата објава.
Минатата година во јавноста протекоа информации дека жичницата со месеци работела без дозвола и превезувала луѓе, на што реагираше и претседателката Зајкова.
„Колку пати мораме да бидеме сведоци на неизмерна штета, па и човечки животи, да сфатиме дека мора да ја поставиме безбедноста на прво место? Колку нови трагедии треба да ни покажат дека стандардите не се луксуз, туку се поставени заради безбедност и заштита?“, напиша тогаш во својата објава.
Поради неодговорноста и неажурноста на надлежните, летово Скопје и скопјани, но и туристите и посетителите, остануваат без жичница на Водно и можност за рекреација и разладување во топлите летни месеци.


