Филипче: Барам извинување од Мицкоски

„ВМРО ги доби изборите со лажна теза дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и сите ние сме предавници на македонскиот идентитет. Дека Преспанскиот договор е предавство. Дека ќе го поништат договорот. Дека ќе го вратат старото име и дека никогаш нема да кажат „Северна Македонија“. Гордана Силјановска изјавуваше дека никогаш нема да изговори „Северна Македонија“. Христијан Мицкоски велеше дека додека е тој во ВМРО, Преспанскиот договор не е завршена работа. И што се случи сега? Претседателката Гордана Силјановска-Давкова јавно изјави дека Преспанскиот договор го потврдува и зачувува македонскиот национален идентитет. Христијан Мицкоски јавно изјави дека Преспанскиот договор е ремек-дело на дипломатијата“ рече на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ – Венко Филипче.

Тој вели „министерот Тимчо Муцунски изјави дека НАТО е феноменална работа, дека дава безбедност и поволна клима за инвестиции. Да ги потсетиме што точно успеавме со Преспанскиот договор. Се гарантира македонскиот јазик како официјален јазик на Република Северна Македонија и во целиот свет. Се заштитува македонскиот национален идентитет, културата и историјата како посебни и различни од другите. На секоја лична карта, пасош и официјален документ стои „македонско“. Секој граѓанин слободно зборува македонски јазик, кој е признат од секоја земја-членка на Европската Унија. Македонските симболи, песни, фолклор и традиција продолжуваат да се слават секаде, без никаква забрана. Во Северна Грција, за прв пат луѓето слободно се собираат, пеат македонски песни и играат македонски ора. И сето ова, пред Преспанскиот договор, беше практично незамисливо“.

„Преспанскиот договор нема ништо што го загрозува нашиот национален идентитет. Напротив, го зајакнува. И ние во СДСМ сме горди на тоа, а денес треба да бидат горди и сите наши граѓани кои досега беа лажени. Од нашата независност во 1991 година, 27 години бевме Бивша Југословенска Република Македонија. Тоа беше официјалното име во Обединетите нации. Благодарение на Преспанскиот договор, по 27 години блокада, денес сме полноправна и рамноправна членка на НАТО. Имаме отворен пат и шанса да станеме земја-членка на Европската Унија. Внесувањето на малцинствата во Уставот, што е основен услов на Европската Унија – повторувам, на Европската Унија, не на Бугарија, како што ВМРО сака да го прикаже – не е предавство. Ние не преговараме со Бугарија, ние преговараме со Европската Унија. И да се вратам на проблемот со Бугарија и уште еднаш да објаснам зошто внесувањето на малцинствата, конкретно бугарското, никако не е ризик за нашиот идентитет, бидејќи на граѓаните веќе им е јасно. Бугарската теза од пред многу децении дека сме ист народ во две држави, со ова паѓа во вода“ рече Филипче.

Првиот човек на опозициската партија рече дека „време е оваа организирана група на Христијан Мицкоски и ВМРО да им се извини на граѓаните за годините лаги и токсични поделби во општеството. Време е да престанат со театарот и да ја продолжат политиката на европска иднина. Доколку не сакаат, а не сакаат поради нивните бизниси, нека си заминат. Јавно го повикувам Христијан Мицкоски, носителот на оваа измислена лажна кампања, да излезе и да им се извини на сите граѓани на Македонија“.

„Барам извинување за изгубените години, за сите навреди што ги претрпеа оние што го поддржуваа Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, за оние што веруваа во Европската Унија, за многумина кои поради евроскептицизмот и оваа лажна кампања ја напуштија земјата и се иселија. Барам од Христијан Мицкоски да излезе и да се извини во свое име и во името на неговата партија. Кога умееше да клечи и да моли за да дојде на власт, може и сега да излезе и да се извини за лагите и пропагандата што ја спроведуваше години наназад. Порака до сите кои гласаа за ВМРО затоа што поверуваа во оваа лажна кампања и манипулација на Христијан: драги сограѓани, ве лажеа со години наназад. Со многу силна пропаганда што ви се сервираше секојдневно преку целата медиумска и партиска машинерија“ дециден е Филипче.