Поранешниот вицепремиер за економски прашања и пратеник од СДСМ, Фатмир Битиќи, преку објава на Фејсбук ја повика министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска утре да дојде во Собранието и таму да го аргументира задолжувањето од 260 милиони евра и новата Фискална стратегија 2027–2031.
„Ако аргументите и бројките се на ваша страна, тогаш утре изнесете ги таму каде што се носат одлуките за парите на граѓаните, во Собранието“, порачува Битиќи.
Во објавата, тој поставува и прашање до министерката дали со нејзиниот последен статус на Фејсбук веќе ја најавила „следната должничка епизода“ од околу 350 милиони евра, поврзана со остатокот од еврообврзницата што треба да се сервисира во јуни.
Битиќи оценува дека министерката за финансии има обврска да одговара пред пратениците кога се носат одлуки за стотици милиони евра и кога, како што вели, буџетската недисциплина на Владата се претставува како нормална политика.
„Фејсбук е удобен, нема реплики, нема процедурални забелешки, нема непријатни бројки и аргументи, но граѓаните не ги избраа пратениците за да читаат ваши статуси на социјалните мрежи, туку за да бараат одговори во нивно име“, напиша Битиќи.


