Законот за заштита од пушење во вторник оди на владина седница, а ќе стапи на сила веднаш откако ќе го изгласаат пратениците. Сепак, оставен е рок од една година на угостителите да ги прилагодат објектите. Премиерот, министерот за здравство и еснафските здруженија задоволни бидејќи преку консултации изработиле најдобро решение за сите, на кое целта е заштита на јавното здравје. Премиерот Мицкоски најави ригорозни инспекциски контроли на целата територија на државата.
„Нема да има повластени региони, градови, населени места и така натаму, каде што ќе нема да се почитува законот. И за ова јас ви гарантирам и тука ќе нема никаков пардон. Нема да има повластени. Ако некој мисли дека ќе биде повластен, па бил близок со овој, близок со оној, па нема да го почитува законот, па него немале да го фатат и слично се лаже. Можете еднашка да поминете неказнети, ако не ве фатиме, дури и втор пат. Но трет пат сигурно ќе бидете фатени и ќе бидете санкционирани“, вели Христијан Мицкоски.
Министерот за здравство Алиу појасни дека предлог-законот не го забранува производството, увозот, извозот или продажбата на тутунски производи, туку ја уредува нивната употреба и промоција таму каде што тие можат да влијаат врз здравјето на други луѓе. Со решението се предвидуваат појасни правила за затворените простори, терасите, рекламирањето, промоцијата, надзорот и заштитата на децата-рече тој.
„Тутунот е поврзан за жал кај нас со 3.600 смртни случаеви годишно, односно околу 13 проценти од сите смртни случаеви во државата. Економската загуба се проценува на 38 милијарди денари во државата, односно над 600 милиони евра годишно што претставува околу 5,16 проценти од Бруто-домашниот производ кој што се третираат овие граѓани. Меѓу младите на возраст од 13 до 15 години имаме 13,6 проценти, граѓани кои што користат тутунски или никотински производи“, вели Азир Алиу.
Според министерот, поразителен е фактот дека 73 проценти од младите пушачи, и покрај возраста, никогаш не биле спречени да купат цигари. Вели ова покажува дека станува збор за прашање на јавно здравје, заштита на децата, заштита на непушачите, заштита на работниците и создавање јасни правила во јавниот простор. Првично, законот требаше да се применува од март годинава, но беше повлечен на доработка, по реакциите на угостителите и тутунската индустрија.


