На најавената владина седница треба да се разгледаат новите пресметки за горивата, според кои дизелот би можел да поевтини, а бензините да останат со иста или минимално повисока цена.
Дизелот може да поевтини за 6 до 6,5 денари по литар, најавува Владата, врз основа на пресметките за движењето на цените на светските берзи во втората половина на мај. За утре е најавена онлајн владина седница, на која треба да се разгледаат мерките и новите калкулации за цените на горивата.
Според владините проценки, цените постепено се стабилизираат, а земјава и понатаму треба да остане меѓу државите со најниски цени на горивата во регионот. Очекувањата се бензините да останат на исто ниво или да имаат минимално зголемување од околу половина денар, додека најголемото намалување се очекува кај дизелот.
Акцизата останува намалена за два денара
Од Владата најавуваат дека намалувањето на акцизата од два денара по литар ќе остане и за дизелот и за безоловните бензини од 95 и 98 октани. Истовремено, повластената стапка за бензините, која изнесуваше 10 проценти, треба да се врати на 18 проценти.
Владините пресметки се темелат на движењето на цените на нафтените деривати на светските берзи во изминатите две недели. Дополнително, се водат разговори со „Окта“ за можен попуст во првата половина на јуни, што би можело дополнително да влијае врз конечната цена.
Стабилизација по динамичен период
Изминатите три месеци, според Владата, биле динамични за пазарот на горива, но снабдувањето со нафта и бензини не било доведено во прашање. Во одредени денови, притисокот врз бензинските пумпи бил зголемен и до 50 проценти во споредба со вообичаениот промет.
И покрај тоа, од Владата оценуваат дека била задржана ценовната стабилност и дека граѓаните не почувствувале ограничувања во снабдувањето.



