Кобила уби ветеринар – колегите и пријателите се простуваат со емотивни пораки

Ветеринар на 48-годишна возраст трагично го загуби животот во понеделникот попладне во близина на Крижевци, Хрватска, откако бил удрен од кобила додека извршувал работна интервенција во штала.

Според информациите на полицијата, несреќата се случила околу 14:30 часот додека ветеринарот работел на обработка на копитата на кобилата. Во еден момент животното го удрило со задната нога во пределот на градниот кош.

На местото веднаш му била укажана медицинска помош, но поради сериозноста на повредите, лекарите не успеале да му го спасат животот и тој починал на самото место.

Подоцна беше откриено дека станува збор за Џанлука Ботаи, човек кој бил добро познат меѓу љубителите на коњите и коњичкиот спорт.

Од него се прости и Хрватската Paint Horse асоцијација, која на социјалните мрежи објави емотивна порака.

„Веста за твоето заминување нè затекна и длабоко нè растажи. Замина прерано, оставајќи празнина што тешко ќе се пополни. Беше посебен човек, пред сè горд татко на своите ќерки. Работеше нешто што го сакаше и остави неизбришлива трага зад себе“, наведоа од асоцијацијата.

Advertisements

Во пораката се истакнува дека Ботаи бил голем вљубеник во коњите, исклучителен познавач на својата професија и човек кого го краселе знаење, посветеност и љубов кон работата.

„Пред само неколку месеци разговаравме за твоите планови, соништа и цели кои ги градеше со голема страст. За жал, судбината не ти даде можност да ги оствариш, но споменот на твојата енергија, ентузијазам и визија ќе остане меѓу сите што те познаваа“, стои во објавата.

Колегите и пријателите му се заблагодарија за придонесот во развојот на западното јавање во Хрватска, како и за пријателството, поддршката и советите што несебично ги споделувал со другите.

На крајот од емотивното збогување тие напишаа:

„Сега јавај низ небесните пространства, слободен како ветерот. Чувај ги своите сакани, своите прекрасни ќерки и сите што те носат во срцето. Веруваме дека еден ден повторно ќе се сретнеме. Почивај во мир.“

Трагичната вест предизвика бројни реакции и пораки со сочувство до семејството, пријателите и сите што го познавале и почитувале Џанлука Ботаи.