Осуден сум од политички причини, за да не можам да се кандидирам на евентуални повторени избори за градоначалник на општина Карпош. Вака поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски во изјава за медиумите ја искоментира пресудата на Апелацискиот суд Скопје, со која е потврдена едногодишната затворска казна за изградбата на општинската зграда во Карпош.
„Осуден сум политички, не затоа што сум направил кривично дело и затоа што сум ја злоупотребил својата положба и овластување, осуден сум затоа што власта, овој диктаторски режим, си постави во Карпош тотално неспособен градоначалник кој четири месеци буквално блешее низ прозорецот на својот кабинет, пушејќи во него и потоа земајќи боледување, коешто е лажно и оттогаш наваму му се губи трагот. Значи тоа е причината, а поводот кој што е искористен е оваа и таа друга барака 1 и 2 кои се изградени, односно се поставени овде во кругот на Основното училиште „Лазо Трповски“. Значи поводот е поставувањето на овие две бараки за кои недостасува само едно ливче, а тоа е дека имаме дозвола за поставување на времен објект“, рече тој.
Според него, ова е само уште еден доказ дека Македонија имала диктаторски систем.
„Ние во моментов имаме диктаторски режим кој со своите политички противници се пресметува преку највиталните институции, а тоа се Обвинителството и Судот, и искрен да бидам јас очекувам вакви и слични работи, оти тоа е единствениот начин на кој тие можат да се справат со мене“, вели тој.
Му упати и порака на Мицкоски: „Илјадници години наназад важи една максима, една изрека: ‘Кој си игра со меч, од меч ќе загине’, односно: ‘Со каква мерка мериш, со таква мерка утре ќе ти мерат’“.


