Никола Груевски ослободен од ,,Талир 2″

Основниот Кривичен суд Скопје го ослободи од обвинение поранешниот премиер Никола Груевски за случајот “Талир 2”, за пречекорување на службени овластувања и противправно финансирање на изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ

Судијката Даниела Алексовска, во објава на пресудата изјави дека за овој случај треба да се имаат предвид измените на КЗ од 2023, а со кои настапи и измена на обвинението.

-Иако беа направени измени на обвинението промени во доказите и фактите изнесени пред судот немаше. Судот цени дека обвинителството не докажа надвор од разумно сомневање дека обвинетиот Никола Груевски сторил пречекорување на службената должност – изјави Алексовска

На објавата во судницата во Основниот кривичен суд Скопје присутни беа адвокатите по службена должност на екс премиерот Никола Груевски, Петар Тимовски и на ВМРО-ДПМНЕ, Кристина Маневска, како и претставникот на партијата, адвокатката Љубица Николовска.

Трошоците за судската постапка паѓаат на Буџетот на државата, а Судот го одби и предлогот на Обвинителството за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Пресудата е неправосилна и странките имаат право на жалба пред повисоките судови.

Advertisements

Во април годинава, предметот „Талир 2“ го презема обвинителот Кристијан Смилевски од ОЈО Скопје, откако обвинителката Ленче Ристовска си поднесе оставка.

Апелациониот суд Скопје во јануари 2024 година поради измените на Кривичниот законик во делот на кривичното дело од член 353 од КЗ, ја укина првостепената пресуда за случајот „Талир 2“ и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд. Застареност настапи за делото “злоупотреба на службената положба” на поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, а гонењето продолжи за експремиерот Никола Груевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ.