Еден од најпознатите руски производители на месни производи се соочува со сериозна финансиска криза.
Компанијата „Владимир Стандард“, позната по производството на таканаречените „кремљски“ и баварски колбаси, ја запрела работата, а околу 4.000 вработени останале без плата.
Според руските медиуми, работниците се испратени на неплатено отсуство, додека компанијата се соочува со постапка што може да заврши со банкрот.
Во изминатиот месец околу 200 вработени веќе ја напуштиле фабриката, а останатите се без редовни примања и со неизвесна иднина.
Во тек се состаноци со властите во Владимирската област, каде што се разгледуваат можностите за ограничување на работењето и промена на режимот на работа. Во меѓувреме, доверителите бараат отворање стечајна постапка пред суд.
Генералниот директор на компанијата, Раил Џалилов, изјавил дека фабриката во моментов не работи и најавил дека ќе даде официјална изјава пред инспекцијата за труд.
„Владимир Стандард“ со години се вбројуваше меѓу 20-те најголеми производители на колбаси во Русија, но финансиските проблеми сериозно го нарушиле нејзиното работење.
Во последните три години компанијата натрупала долгови од околу 550 милиони рубљи кон добавувачите на суровини. Од таа сума, 226 милиони рубљи сè уште не се подмирени. Дополнително, фирмата должи уште 101 милион рубљи за даноци и придонеси.
Истовремено, приходите на компанијата бележат пад – од 18 милијарди рубљи во 2024 година на околу 16 милијарди рубљи во 2026 година, што дополнително ја продлабочува кризата и ја доведува во прашање нејзината иднина.



