Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување корупција, во интервју за Гласот на Америка изјави дека се водат истраги за бизнисот со електрична енергија во земјата и за набавката на учебници.
„Да, имаме отворено случаи. Сега сме во период кога ги прибираме сите потребни документи. Откако ќе заврши тој процес на прибирање на документацијата, ќе пристапиме кон анализи и ќе излеземе во јавноста со нашите заклучоци. Отворени се случаи за можни коруптивни појави во бизнисот со соларно производство на електрична енергија“, вели Ивановска за VOA.
Tаа додава дека претстојат детални проверки на случаите, во кои, е сепак посебно тешко да се докаже влијанието
„Факт е дека во нашата државата има многу влијание коешто најтешко може да се докаже. Меѓутоа ние сме за тоа да се гради еден систем којшто ќе биде отпорен на корупција, систем кој сам по себе ќе ги елиминира тие што не ги исполнуваат условите, што не заслужуваат да добијат државни средства. Нас нè интересира како функционира системот. Дали системот бил отпорен или не“, вели Ивановска.
Таа додава дека е отворен предмет и за набавката на учебниците
„И кај нас има отворено предмет, преку којшто се испитува набавката на учебниците во основното образование. И самиот сектор образование е дел од нашата национална стратегија. Како високото, така и средното и основното. Сме се бавеле со повеќе случаи кои се дел од образовниот систем. Имаме дадено препораки до Министерството за образование, од кои за жал сè уште немаме соодветни одговори“, вели Ивановска.