За двајца од тројцата функционери за кои кабинетот на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска иницираше истраги поврзани со злоупотреба, веќе се покренати постапки од надлежните институции.
Ова вечерва го потврди вицепремиерката Грковска на телевизија Сител, но таа не откри за кои функционери станува збор.
– За двајца веќе имаме фидбек дека има покренато и немам намера да кажувам имиња или да правам сензационализам од ова. Ние треба да ги прифаќаме ваквите работи како нормалност. Ако некој го прекршил законот за него треба да има постапка – рече Грковска во „Тема на денот”
Во врска со изјавата на поранешната претседателка на Судскиот совет Павлина Црвенковска која се повлече од функцијата поради интереси на „судско-бизнис елитата”, Грковска рече дека ако претседател на Судски совет излезе со таква изјава во јавност, очекува истата да пријави и да се покрене постапка.