(ВИДЕО) Русија тврди дека го освоила Соледар, Украина негира

Руското Министерство за одбрана објави дека нивните сили вчера ја презеле контролата врз украинскиот рударски град Соледар, објавија државните медиуми, притоа освојувањето оценувајќи го како „клучен чекор“.

Победата ќе им овозможи на руските војници да ги отсечат украинските сили во блискиот поголем град Бахмут, објави Министерството за одбрана.

Украина претходно соопшти дека нејзините сили сè уште држат позиции во Соледар, град на истокот од земјата, по тешките борби синоќа.

Advertisements

Украинските сили издржаа ноќни жестоки борби во Соледар, соопшти денеска заменик-министерката за одбрана на земјата Хана Маљар.

„Непријателот ги фрли речиси сите свои сили во регионот на Доњецк и продолжува со офанзива со висок интензитет. Нашите храбри борци се обидуваат да ја задржат линијата на одбраната“, напиша Маљар на Телеграм.

Борбите околу Соледар се едни од најкрвавите во војната, во кои двете страни претрпеа големи загуби за овој мал град.