Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски очекува година на промени и повторно повика на предвремени парламентарни избори, притоа тој изјави дека не верува дека Владата ќе собере мнозинство за уставни измени. Мицкоски потенцира дека парламентот нема мандат да го менува Уставот.
„Ставот е дека овој парламент нема мандат да менува Устав бидејќи ниту опозицијата учествувала во креирање на тој договор, ниту опозицијата се согласила со тој договор, ниту, пак, излегла пред граѓаните да ветува дека ќе има уставни измени. Така што треба час поскоро да се случат предвремени парламентарни избори, да излеземе сите со решение на проблемот што го донесе владата на ДУИ поддржана од СДСМ, па граѓаните се тие што ќе одлучат кому да ја дадат довербата. Ќе имаат неколку опции така што граѓаните се тие коишто ќе дадат насока каде ќе треба да се движи Македонија“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски во Вевчани, каде денес присуствува на вевчанскиот карневал.
Мицкоски ја коментираше и изјавата на Ковачевски дека комплимент е тоа што ВМРО-ДПМНЕ бара избори во мај, зашто тоа, според премиерот, е признание дека Владата ефикасно се справува со енергетската криза која завршува на 30 април.
„Одлично. Ако тој верува дека е така, еве го повикувам да не дезертира, да излезе пред граѓаните на избори час поскоро и да види колку успешно се справува Владата и граѓаните ќе кажат дали се справува успешно или не се справува успешно. Има само еден начин тоа да се покаже – на избори. А вака, ако продолжи да дезертира и да се крие, за жал не ќе може да го добие сега и веднаш тој одговор на тоа дали успешно се справува, ќе треба да почекаме неколку месеци за овие пратеници коишто доаѓаат од пратеничката група на СДСМ и ДУИ да поддржат распуштање на парламентот и промена на Владата“, рече Мицкоски.