На седницата на Владата е одлучено како помош за санирање на последиците од земјотресот да бидат испратени и 32 лица од Дирекцијата за заштита и спасување – припадници на републичките сили за заштита и спасување.
Во разурнатите реони веќе има припадници на АРМ. Како што претходно објавија од Министерството за одбрана, станува збор за 22 припадници на Баталјонот за специјални сили, во чиј тим се и две кучиња обучени за трагање, како и двајца водачи.
„Армиските припадници на теренот ја искажуваат својата одлучност и обученост професионално да ја извршат задачата и да го употребат целиот свој максимум во пронаоѓање на настраданите и на секој можен начин да помогнат на граѓаните на сојузничка Туркије. Надеж дека во текот на пребарувањето ќе се спасат човечки живот каде секој момент е драгоцен, даваат и службени кучиња од расата белгиски овчар и лабрадор, кои заедно со инструкторите се обучени токму за пронаоѓање лица во елементарни непогоди“, пишува на официјалната страница на АРМ на Фејсбук каде што се објавени и фотографии од теренот.