Премиерот Ковачевски призна дека можело да се направи повеќе за Благојче Илиевски – „Нема да дозволам друг да умре заради бирократија“

„Најтажно од сè е што најверојатно неговата смрт е прерана и можевме да направиме повеќе за да му го продолжиме животот. Иако од информациите што ги имав од разговорите со директорите на соодветните клиники, врвни експерти, дознав дека има пациенти во тешка состојба на кои можеби лекот „трикафта“ нема целосно да им помогне, но секако тоа нема никако да го тргне чувството на тага и гнев дека имало и најмала шанса да направиме нешто за Благојче“, рече премиерот Ковачевски за смртта на Благојче Илиевски, пациент со цистична фиброза кој не доби терапија со лекот „трикафта“.

Тој како една од системските причини за ненавременото доставување на потребниот лек ја неведе преголемата и комплицирана бирократија.

„Зошто не направивме, зошто се оддолжи сè откако ветивме, откако правните и експертските тимови седнаа заедно да најдат решение. Тоа е поради истите причини поради кои нашата земја пати 30 години – коплицираната и неверојатна бирократија. Бирократија која стравотно размислува зошто нешто не може да се направи, бирократија која речиси никогаш не размислува зошто нешто треба да се направи, бирократија која нема ништо против да почека луѓето да страдаат. Но, бирократијата не се луѓе од друга планета, бирократија сме сите ние и редно време е да се соочиме со тоа. Така функционира нашата држава, поточно, така не функционира нашата држава“, рече Ковачевски.

Advertisements

Тој рече дека државата мора да го спречи непотребното страдање на било кој граѓанин.

„Разговарав и со директорот на ФЗО и со министерот за финансии и тоа беа нивните први денешни разговори кои ги имаа. И ги замолив а посебно министерот за здравство да размисли и да ми каже дали може да го продолжи својот мандат. Јас, мојата одлука кадровските прашања ќе ја донесам после тоа. Но, немам намера да чекам низ бирократските лавиринти да се чека нешто да се презем. Туку уште утрово се преземени конкретни чекори. Решив дека уште веднаш ќе се одвојат финансиски средства од ФЗО за најкритичните болни од цистична фиброза“, рече премиерот Ковачевски.

Ковачевски нагласи дека утрово, Управниот одбор на Фондот за здравство донел одлука за да се обезбедат сите средства за сите критични пациенти, согласно барањето на Детската клиника.

„Очекувам лекот да биде достапен исклучително брзо бидејќи Агенцијата за лекови и МАЛМЕД имаат задача веднаш да го регистрираат. Бирото за јавни набавки има задача да ги обезбеди сите потребни документи за интервентен увоз на овој лек бидејќи го произведува еден производител. Не може да чекаат на бесконечни тендери кога се работи за лек кој го произведува еден произвдетител. И ова да се спроведе сега јас лично ќе се заложам. Нема време за чекање. Јас од вакви работи ПР не правам. Ова е вонредна мерка, тоа е јасно, но јас немам намера да дозволам да ни умре друг пациент поради оваа невозможна бирократија“, нагласи Ковачевски.