„Нема да гласам за ова парламентарно мнозинство, кое се прави божем заедно за Европа, а кое всушност е сојуз, за да се спаси Артан Груби, изјави потпретседателот на ДУИ и пратеник Изет Меџити во емисија на Алсат ТВ.
Арбен Таравари, лидерот на Алијанса за Албанците и официјално потврди дека станува дел од владејачкото мнозинство. Засега се знае дека министерствата за правда и за здравство ќе ги води Алијанса за Албанците, а во зависност од ставот на Алтернатива, можно е да го добие и Министерството за информатичко општество и администрација или вицепремиерското место за економија на Фатмир Битиќи.
Според Меџити Алијансата за Албанците влегува во Владата, за да се спаси Артан Груби, а не да се продолжи европскиот пат, јави ТВ Алсат.
„Јас ќе гласам во парламентот „против“. Ќе ги кажам моите ставови и ќе чекам да ги видам програмата, кандидатите за министри, дали излегува така како што слушам некои предлози од Алијансата за Албанците, особено во сферата на правосудството, каде што меѓународниот чинител е најчувствителен и каде што имавме остра реакција во текот на изборот на обвинителот за организиран криминал. Посакувам да не отишле толку далеку – повикувајќи се на Европа, а да нема ништо европско во оваа власт. Мојот збор ќе го кажам во Собранието.“, вели Меџити.