Османи: Групата „Вагнер“ и српски паравоени формации подготвуваат напад на Косово

Косовската претседателка, Вјоса Османи изјави дека платеници на руската паравоена група „Вагнер“ соработуваат со српските паравоени формации на шверц на оружје и воени униформи во Косово, со цел да подготват „напад на Косово“.

Османи за британски Телеграф изјави дека „направена е тајна операција со цел да се постават темелите за евентуален хибриден напад на Србија и окупација на територијата на Косово“, пренесе приштински Коха.

Таа рече дека наводните подготовки имаат паралели со припојувањето на Крим кон Русија во 2014 година, кога руски војници облечени во униформи без обележја, наречени „мали зелени човечиња“, го подготвија патот на Москва да го отцепи полуостровот.

Advertisements

„Тие носат оружје и униформи, но формално не се дел од српската војска. Србија сака да ги постигне своите цели без да ги нарече воена операција“, рече Османи.

Според неа, целта на Србија е „да ја подготви ситуацијата за можна анексија – не со традиционална воена операција, туку со некаков хибриден напад“.

Османи оцени дека Белград продолжува да ги крева тензиите во регионот во соработка со руската групација „Вагнер“, која неодамна започна кампања за регрути од Србија за војната во Украина.