Истрагата за корупцискиот скандал што го зафати Европскиот парламент резултираше со ново апсење: Марк Тарабела, белгискиот европратеник кој порано беше поврзан со социјалистичката група, беше приведен во петокот наутро, јави Еуроњуз.
Европратеникот Тарабела денеска беше и обвинет за „корупција“, а потоа му беше одреден притвор како дел од истрагата за наводите за мешање на Катар и Мароко во одлуките на Европскиот парламент, соопшти белгиското сојузно Обвинителство.
Полицијта извршила претрес и на банкарски сеф лоциран во Лиеж, кој му припаѓал на пратеникот и неколку канцеларии во градското собрание на Антиснес.
Откако неговото име се вплетка во скандалот, Тарабела изјави дека е невин.
Европските законодавци уживаат имунитет во правните постапки, но Тарабела ја загуби оваа привилегија минатата недела откако неговите колеги гласаа да му се одземе оваа специјална заштита.
Самиот Тарабела гласаше за укинување на сопствениот имунитет.
Италијанскиот европратеник Андреа Коцолино исто така беше лишен од заштита при истото гласање.
Во исто време, италијанската полиција, како што јавуваат тамошните медиуми го привеле пратеникот Коцолино во рамки на истрагата поврзана со скандалот со корупција и начините на кои Катар и Мароко купувале влијание во Европската Унија.
„Италијанските полициски сили најпрво се обидоа да го уапсат Кацолино во неговата резиденција, но не успеаја да го лоцираат таму“, јавуваат италијанската прес-служба АНСА и новинската агенција Ројтерс.
Полицијата наводно го привела пратеникот со европска потерница по отпуштањето од клиниката во Неапол и го одвела во затворот Поџореале.
Кон крајот на минатата година, беше уапсена поранешната потпретседателка на парламентот, Ева Каили.