Користејќи го вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“, астрономите погледнаа назад во раните денови на универзумот и забележаа нешто неочекувано. Тие забележале шест масивни галаксии кои постоеле помеѓу 500 и 700 милиони години по Големата експлозија.
“Овие објекти се значително поголеми отколку што некој очекуваше. Предвидувавме дека таму ќе најдеме мали, млади галаксии. Наместо тоа, најдовме такви кои се зрели како нашите”, вели астрофизичарот Џоел Леја од Универзитетот во Пен Стејт.
„Веб“ го набљудува универзумот во инфрацрвена светлина, која е невидлива за човечкото око, така што може да го регистрира слабиот сјај на древните ѕвезди и галаксии. Станува збор за револуционерен телескоп од девет милијарди долари кој е сто пати почувствителен од „Хабл“, пренесува Си-Ен-Ен.
Главно ги набљудува пространствата на просторот во инфрацрвениот спектар, што му овозможува да навлезе низ облаците од гас и прашина каде што се раѓаат ѕвездите. Телескопот „Хабл“ работеше првенствено на оптички и ултравиолетови бранови должини.
„Веб“ теоретски би требало да може да гледа во вселената наназаф пред 13,5 милијарди години. Научниците проценуваат дека универзумот е стар околу 13,7 милијарди години.
„Откривањето на таквите масивни галаксички формации екстремно рано во историјата на универзумот ги разниша теориите за кои претпоставувавме дека се решени со науката“, рече Леја, како што пренесува Си-Ен-Ен.
Галаксиите се толку масивни што негираат 99 отсто од моделите на раните формирања на галаксии во универзумот, што значи дека научниците сега треба повторно да размислат како всушност се формирале и еволуирале галаксиите.
Сегашната теорија сугерира дека галаксиите започнале како мали облаци од ѕвезди и прашина кои растеле со текот на времето.
„За прв пат погледнавме во многу раниот универзум, немавме поим што ќе најдеме таму. На крајот откривме нешто толку неочекувано што предизвикува проблеми за науката. Тоа ја доведува во прашање целата слика за раното формирање на галаксии. Отпрвин мислев дека не сме во право“, вели Леја.
Еден начин да се утврди зошто овие галаксии пораснале толку брзо е преку спектрална анализа, која ги разгледува различните бранови должини за да дефинира различни елементи или да го одреди вистинското растојание на галаксиите.
“Спектралната анализа ќе покаже дали овие галаксии се реални или не. Ќе ни покаже колку се големи и колку се оддалечени. Ова е нашиот прв поглед, па мораме да бидеме отворени за многу можности. Иако податоците покажуваат дека тие веројатно се галаксии, мислам дека постои реална можност некои од овие објекти да испаднат дека се супермасивни црни дупки“, рече Леја.