Во сударот на два воза во Грција животот го загубија најмалку 38 лица, а лекарите велат дека не можеле да идентификуваат неколку жртви, бидејќи телата биле осакатени.
Телата на жртвите се пренесени во одделот за форензика во Лариса, а лекарите велат дека сцените се страшни.
Рубини Леонтари, директор на форензичкиот оддел и неговите колеги моментално се во главната болница во Лариса.
„Ова е страшна трагедија. Ние сме во процес на идентификување на жртвите од железничкиот судир кај Темпи. Тоа е болен процес, кој бара време. Неверојатно е тоа што се случи“, вели Леонтари.
Тој вели дека неговиот тим прави се за да ја забрза работата, но стравува дека бројот на жртви ќе продолжи да расте.
„Цело време сме во контакт со Министерството за правда, во контакт сме со болницата, надлежните во Министерството за здравство, полицајците кои заедно со нас работат на оваа трагична задача за идентификација. Многу е тешко да се се идентификуваат понекогаш затоа што некои тела се во многу, многу лоша состојба. Потребни се часови и часови, а за жал тела на настрадани сè уште пристигнуваат. Ова е болно и за семејствата и за нас. Ги започнавме обдукциите и работиме да направиме се што е можно поскоро за да можат семејствата да ги земат телата на своите најблиски“, рече Леонтари.
Леонтари вели дека седум тела биле искасапени и осакатени до непрепознатливост.
„Најтешко е кога членовите на семејството доаѓаат да го идентификуваат телото“, рече тој.
Тој посочува дека меѓу жртвите нема деца, но додава дека жртвите биле претежно млади луѓе, студенти.
„Во некои случаи ќе треба да ја почекаме ДНК, за да го идентификуваме лицето“, рече докторот.