Во пет земји ќе патуваме само со лични карти

Владата на денешната седница го утврди текстот на предлогот на Закон за ратификација на Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан.

„Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан е склучен во Берлин на 3 ноември 2022 година меѓу шесте земји во регионот и тоа: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, а е иницијатива на нашата земја од зедничкото ко-претседавање со Бугарија со Берлинскиот процес, со намера да се преслика моделот на билатерални договори за слободно патување со лични карти“, информира Владата.

Договорот, според образложеното од предлагачот, има за цел натамошно унапредување на соработката и олеснување на условите за патувањето, вклучително и унапредување на односите помеѓу земјите од Западен Балкан, преку поедноставување на административните постапки во поглед на влез, транзит и краткорочен престој на лицата носители на лични карти, издадени од наведените земји.

Advertisements

Владата го утврди и текстот на Предлогот на закон за ратификација на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан.

Договорот го уредува признавањето на високообразовните квалификации, продолжувањето на студиите и пристапот до нерегулираниот пазар на труд во секоја од страните.

Владата го утврди и текстот на Предлог законот за ратификација на Договорот за признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, докторите по дентална медицина и архитектите, во контекст на Централно-европскиот Договор за слободна трговија.

Договорот, како што е објаснето од предлагачот, предвидува автоматско признавање на професионалните квалификации врз основа на минималните барања за трите професии утврдени со овој Договор и со Директива 2005/36/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот од 7 септември 2005 година, за признавање на професионалните квалификации, изменета со Директивата 2013/55/ЕУ на Европскиот парламент и на Советот од 20 ноември 2013 година.

Договорот предвидува заедничка постапка за признавање на професионални квалификации, постапката за регресно признавање квалификации, ги предидува јавните исправи коишто се потребни за признавање на професионалните квалификации, за употреба на професионални звања на квалификации, како и употреба на академски звања.