Ветеранот на американската и светска дипломатија Хенри Кисинџер се огласи со анализа за најновиот развој на настаните во Украина. Во својата анализа „Како да се избегне уште една светска војна“, објавена од британски „Спектатор“, оценува дека е време војната во Украина да се реши со преговори.
Правејќи паралелa на моменталната ситуација во Украина со случувањата за време на Првата светска војна, поточно во август 1916 година, кога главните западни сојузници побараа од САД посредување за завршување на тогашниот конфликт, а Вудро Вилсон го „пропушти тој момент кога дипломатијата можеше да спаси милиони животи“, Кисинџер вели дека се приближува моментот за надоградба на стратешките промени и нивно интегрирање во нова структура која ќе биде насочена кон постигнување на мир преку преговори.
„Дали светот денес е на споредлива пресвртница во Украина, додека зимата наметнува пауза во големите воени операции таму? Повеќепати ја изразив мојата поддршка за воените напори на сојузниците да ја спречат руската агресија во Украина. Но, се ближи времето да ги надоградиме стратешките промени кои се веќе направени и да ги интегрираме во нова структура за постигнување мир преку преговори“, пишува Кисинџер.
Оценувајќи дека за прв пат во модерната историја „Украина стана главна држава во Централна Европа“, Кисинџер вели дека прку еден мировен процес Украина би требало да се поврзе со НАТО, притоа нагласува тој, неутралноста нема повеќе смисла, особено после пристапување на Шведска и Финска во НАТО.
„Украина стана главна држава во Централна Европа за прв пат во модерната историја. Помогната од своите сојузници и инспирирана од нејзиниот претседател, Володимир Зеленски, Украина ги спречи руските конвенционални сили кои ја надвиснуваат Европа од Втората светска војна. И меѓународниот систем – вклучително и Кина – се спротивставува на руската закана или употреба на нејзиното нуклеарно оружје“, вели дипломатот Кисинџер.
Овој процес, споре него, ги покрена изворните прашања во врска со членството на Украина во НАТО. Украина се здоби со една од најголемите и најефикасни копнени армии во Европа, опремена од Америка и нејзините сојузници.
„Мировниот процес треба да ја поврзе Украина со НАТО, како и да е тој изразен. Алтернативата на неутралност повеќе нема смисла, особено откако Финска и Шведска ќе се приклучат на НАТО. Затоа, минатиот мај, препорачав воспоставување линија за прекин на огнот долж постојните граници каде што започна војната на 24 февруари. Русија тогаш би ги отфрлила своите освојувања, но не и територијата што ја окупираше пред речиси една деценија, вклучувајќи го и Крим. Таа територија би можела да биде предмет на преговори по прекинот на огнот“, се вели во анализата на Кисинџер.
Тој оценува дека е потребно воспоставување на рамнотежа помеѓу силите во светот, а особено помеѓу САД, Кина и Русија, при што нагласува дека улогата на Русија и „покрај нејзината склоност кон насилство“ не треба да се деградира.
„И покрај сета своја склоност кон насилство, Русија даде одлучувачки придонес за глобалната рамнотежа и балансот на моќ повеќе од половина милениум. Нејзината историска улога не треба да се деградира. Воените неуспеси на Русија не го елиминираа нејзиниот глобален нуклеарен дострел, овозможувајќи и да се закани со ескалација во Украина. Дури и ако оваа способност се намали, растурањето на Русија или уништувањето на нејзината способност за стратешка политика може да ја претвори нејзината територија, која опфаќа 11 временски зони, во оспорен вакуум. Нејзините конкурентски општества може да одлучат да ги решат своите спорови со насилство. Други земји би можеле да бараат да ги прошират своите побарување со сила. Сите овие опасности ќе се надополнат со присуството на илјадници нуклеарни оружја, што ја прават Русија една од двете најголеми нуклеарни сили во светот“ вели во својата најнова анализа Хенри Кисинџер.