Десетици сојузници на Украина се состанаа на 20 јануару во воздухопловната база Рамштајн, во југозападна Германија, за да го координираат снабдувањето со оружје, вклучително и тенкови, откако Киев ги зголеми барањата за достава на оружје.
Германија се соочува со зголемен притисок да дозволи извоз на своите тенкови Леопард во Украина.
Украина долго време го повикува Западот да испрати тенкови за да им помогне на нејзините сили во борбата против Русија, а на врвот на листата е германскиот Леопард 2.
Леопард е германски главен борбен тенк, првпат претставен во 1979 година. Тенкот нуди добра заштита од противтенковско оружје. Се проценува дека модерниот Леопард 2 е способен да го пробие предниот оклоп на советскиот тенк Т-72 од далечина од 2.000 метри и оклопот на тенкот Т-62 од повеќе од 4.000 метри. И двата тенкови се користат од руската армија во Украина.
Актуелната верзија на овој борбен тенк е Леопард 2 A7, кој се испорачува од 2014 година. Германскиот производител Краус-Мафеи Вегман има произведено повеќе од 3.500 тенкови Леопард 2 од почетокот на производството во 1978 година.
Неговото главно оружје е топ со калибар од 120 мм. Според Бундесверот, тоа значи дека цели на неколку километри може да бидат погодени додека стојат или се движат. Неговиот максимален домет е пет километри.
Бундесверот вели дека предностите на леопардот лежат во комбинацијата на огнена моќ, оклопна заштита и мобилност. Брз е и може да достигне брзина до 70 километри на час. Има релативно економичен дизел мотор.
Германија има големи залихи на тенкови Леопард, но многу други европски земји имаат свои.
Но, многу земји чекаат одобрение од Берлин, кој има извозна дозвола, за да ги испратат своите Леопарди во Украина.
Во секој случај, постојат неколку причини зошто Украинците сакаат германски леопарди.
Прво, војната се движи во таков правец што тенковите стануваат исклучително важни за понатамошниот тек на конфликтот.
Украина смета дека Русите подготвуваат огромна офанзива на пролет, а можеби и порано, во која би учествувале околу половина милион војници. Кога станува збор за копнена војна со такви бројки, тенковите се исклучително важни.
На почетокот на војната, кога Украинците уништуваа еден тенк по друг со турски беспилотни летала, се зборуваше дека тенковите се застарено оружје. Што се покажа како точно, но не целосно.
Имено, уништените тенкови главно беа застарени оклопни возила од советско производство.
Тие се лесна мета за модерното западно оружје и беспилотни летала, а како резултат на тоа се проценува дека над 1.500 од нив се уништени само на руска страна. Сигурно не е занемарлив ниту бројот на уништени тенкови на украинска страна.
Се проценува дека Украинците имаат уште многу тенкови, но тоа се претежно старите модели Т-64 и Т-72. Тие се ранливи на руските напади. За да одговорат на потенцијалната руска офанзива или самите да започнат нов контранапад, на Украинците им требаат нови, модерни тенкови кои се побрзи, поубиствени, но, многу важно, побезбедни.
Во овој контекст, Украина очајнички ги сака модерните германски тенкови Леопард 2. Тоа е, како што е наведено, брз, смртоносен и прилично безбеден тенк.
Исто така, најважно е тоа што Леопар е во сопственост на 14 европски земји и затоа резервните делови, кои се многу важни во војна, би биле релативно достапни.