Украинската стратегија се фокусира на повторно преземање на контролата врз виталниот извор на вода што задоволува огромното мнозинство од потребите за вода на полуостровот на Крим, се оценува во анализата објавена од „Институтот за известување за војна и мир“.
Додека украинските сили ја продолжуваат својата борба за ослободување на целиот регион на Херсон, аналитичарите нагласуваат дека контролата на „Северниот кримски канал“ останува клучна за Украина повторно да ја преземе контролата врз полуостровот.
Со децении, каналот задоволува огромно мнозинство од потребите за слатка вода на полуостровот. По руската анексија на Крим во февруари 2014 година, украинските власти го блокираа каналот, што доведе до катастрофален недостаток на вода на полуостровот се додека руските трупи не го нападнаа регионот Херсон во март годинава и не ја повратија контролата врз каналот.
Во анализата се оценува дека каналот долго време беше од огромно стратешко значење за Москва. По Втората светска војна, снабдувањето со вода на Крим – каде што Русите беа преселени по големото депортирање на кримските Татари – беше еден од приоритетите на Советскиот Сојуз.
По создавањето на резервоарот Каховски, во долниот тек на реката Днепар, во раните 1950-ти, изградбата на „Северен Кримски Канал“ започна во 1957 година.
„Целта на изградбата на каналот беше да се обезбеди Крим со вода за пиење и да се развијат системи за наводнување. Тоа ќе му овозможи на земјоделството на полуостровот да достигне ново ниво“, вели Володимир Хрињук, поранешен директор на Институтот за дизајн и истражување Укрднипроводхосп, кој ги составил плановите за каналот. Тој појаснува дека иако биле планирани четири фази, државата немала доволно средства за целосно да го реализира проектот и само три се завршени, се пренесува во анализата на „Институтот за извествување за војна и мир“.
„Според проектот, водата од каналот требаше да наводнува површина од 504.000 хектари земјоделско земјиште. Ова е околу една петтина од површината на полуостровот. Но, како резултат (од само три фази кои се завршени) испорача околу 300.000 хектари“, се вели во анализата на Институтот.
Каналот, долг повеќе од 400 километри, носи вода од градот Тавријск во областа Херсон до Крим. Првата половина од каналот е самопроточна, додека останатите делови се управувани со четиристепен механички лифт за вода.
Каналот работеше сезонски од март до декември, а за да се обезбеди стабилно водоснабдување, на Крим беа изградени шест резервоари и 126 пумпни станици, заедно со околу 14.000 километри колекторски и одводни мрежи.
До 2014 година, повеќе од 1,2 милијарди кубни метри вода од реката Днепар преку каналот беа испорачувани до Крим за снабдување со вода за пиење и за наводнување, што сочинуваше 85 отсто од вкупната потрошувачка.
Тоа го олесни одгледувањето риба и земјоделството, при што производството постојано растеше со текот на годините. Ова драстично падна во 2014 година, откако вршителот на должноста шеф на претседателската администрација на Украина, Андриј Сенченко нареди да се блокира снабдувањето со вода, тврдејќи дека тоа ќе и нанесе штета на Русија колку и воениот отпор.
Михаило Јацјук, директор на Институтот за проблеми со вода и мелиорација на Националната академија на аграрните науки на Украина, чија изјава ја се пренесува во анализата, вели дека производството продолжило значително да опаѓа во текот на изминатите осум години, при што културите како оризот практично исчезнале.
„Се случува деградација на почвата – ништо нема да може да расте на оваа земја“, вели тој. „Покрај тоа, тие го пренасочија протокот на северниот кримски канал од реката Салхир преку резервоари за да им обезбедат на жителите на Крим вода за пиење. Но, дојде до деградација на речните сливови на Крим, хоризонтите се исцрпени, подземните води исчезнуваат“, вели Јацјук.
Тој истакнува дека од 2015 година наваму, во летните периоди се забележува големи суши на Крим. “Од 2018 година окупаторската администрација на Крим прогласи редовна летна вонредна состојба со домаќинствата кои добиваат вода само неколку часа дневно“, истакнува Јацјук.
На почетокот на целосната инвазија, руските сили – откако ја презедоа контролата над каналот во Тавријск – ја уништија браната и испуштија вода од реката Днепар во Крим.
Јацјук оценува дека тоа го уништило водениот биланс и довело до јунски поплави, во врска со кои окупациската администрација прогласила вонредна состојба.
„Сега тие се обезбедија со вода за пиење, обезбедија воени бази, особено во Севастопол (со вода), но системот за наводнување е изгубен“, вели Јацјук.
Според официјалните податоци на Украина, Русите дневно на Крим пренесуваат околу 4,3 милиони кубни метри вода. Од почетокот на октомври, трошоците за Украина од нелегалниот пренос на вода преку каналот изнесуваат повеќе од 15,5 милијарди гривни (387 милиони американски долари).
Извор близок до раководството на Јужната оперативна команда на вооружените сили на Украина, чии единици се фокусираат на истиснување на руските сили од регионот Херсон, нагласува дека каналот е клучен.
Блокирањето на водата низ каналот во зима нема да има значително влијание врз снабдувањето со Крим, но ќе биде „симболичен потег“, вели изворот кој го пренесува во својата анализа „Институтот за известување за војна и мир“.
Меѓутоа, во пролетта, недостатокот на вода во каналот ќе создаде проблеми со снабдувањето на населението и воените бази на полуостровот, продолжува изворот на кој се повикува Институтот во својата анализа, додавајќи: „Сосема логично е да се добие контрола над хидроелектраната Каховскаја и да се управува со Северниот кримски канал, е една од примарните цели на воените напори.