Нација која претендира на цивилизациска посебност треба да умее да го заштити наследеното духовно богатство

„Знаењето е обврска, морален долг и можност за ширење на духовноста на еден народ, а преку него и на една цивилизација“, порачува академик Катица Ќулавкова во поговорот на книгата „Македонската глаголица“ од академикот – историчар на книжевност, археограф и теолог Ѓорѓи Поп-Атанасов.

Во издание на МАНУ, „Македонската глаголица“ од професорот Поп Атанасов излезе во 2015 година по долгогодишните истражувања на бројни глаголски ракописи и текстови од Македонија, а токму денеска кога славиме 1160 години од Моравската мисија на светите солунски браќа Кирил и Методиј потсетуваме на овој научен труд со непроценлива вредност.

Браќата Кирил и Методиј на повик од моравскиот кнез Ростислав, а со одобрение на византискиот цар Михаил III во 863 година отишле во Моравија и таму ја распространиле православната вера, ги умножиле христијанските книги преведени на словенски јазик и им ги дале на свештениците. Подоцна на повик од папата Адријан II браќатa заминале за Рим, каде што Кирил се разболел и умрел, на 14 февруари 869 година. Во Рим бил и погребан. Тогаш Методиј се вратил во Моравија и до смртта се посветил на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. Во житието на Методиј пишува дека византискиот император, испраќајќи ги во мисијата им рекол дека тие можат најдобро да ја извршат задачата ,,бидејќи вие сте солуњани, а солуњаните сите чисто словенски зборуваат“.

Advertisements

„Нација која претендира на цивилизациска посебност и развиеност треба да умее да го усвои и да го заштити наследеното духовно богатство, а древната словенска писменост, во тој контекст писмата како глаголицата и македонската глаголица, старословенската кирилица и македонската црковнословенска кирилица се од непроценливо значење за нашата културна историја, со што стануваат битни и за нашата современа култура“, вели академик Катица Ќулавкова во поговорот на книгата „Македонската глаголица“

Културата, вели професорката Ќулавкова, има моќ да ги вградува во својот архив старите културни, јазични и писмени матрици, а еднаш вградени во културниот систем, тие постојат и чекаат поволен општествен миг за да се реафирмираат, за да оживеат во современиот свет и меѓу современиците.

Официјалната лингвистичка, филолошка и историска наука ги смета светите браќа Кирил и Методиј за творци на глаголицата, азбуката на славјанските народи, што значи дека официјално глаголицата се смета за најстара словенска азбука (која ѝ претходи на кирилицата). Во прилог на овој податок, вели Ќулавкова одат, меѓу другото, палимпсестните ракописи на коишто во долниот, постар слој се пишувани текстови на глаголица, а во горниот, поновиот, на кирилица.

Глаголицата во Македонија се користела најмалку четири века (од IX до крајот на XIII век) и се поврзува со Охридската книжевна школа и нејзините центри и следбеници во Македонија, независно на која државна структура (империја, царство) таа ѝ припаѓала.

Оригиналите на македонските глаголични ракописи се чуваат надвор од Македонија, во С. Петербург, Москва, во библиотеката на Синајскиот манастир, Одеса, Инсбрук, Виена, Ватикан.

„Ако се суди според пронајдените и зачувани глаголични ракописи од македонско потекло, глаголицата се користела најпрвин единствено, потем доминантно, на подрачјето на  Македонија, како и на поширокото етногеографско македонско подрачје, во повеќе книжевни центри на Охридската книжевна школа. Во зачуваните 16 (шеснаесет) ракописи од македонско потекло преовладува македонската обла глаголица, а не аглестата, која е покарактеристична за хрватската глаголичка традиција“, вели Ќулавкова.

Творецот на глаголицата, пишува професорката, бил во потрага по таков систем на знаци кој ќе го вкрсти етичкото со естетското начело.

„И навистина, глаголицата нè потсетува на сознанието дека не постојат величествени цивилизациски дела без влогот на верата во моќта на делото, што значи без метафизичката поткрепа на магиското начело.

Можеби затоа изрекувањето на глаголичките букви преведени во зборови (поими, слова) даваат една поврзана целина, синтакса која содржи, во својот внатрешен облик, мудра мисла, промислен наум, би рекла дури и дискретна магиска формула. Имено, не би требало да заборавиме дека старите народи верувале дека зборовите ги пресоздаваат нештата, дека изречениот јазик е преобразен свет, свет кој едновремено ја таи врската со стварноста, но и го следи својот внатрешен порив да биде човечки говор.

Особените, творбени, сакрални, мистични, пророчки, провидениски (визионерски) и (книжевно) уметнички употреби на јазикот ја посведочуваат неговата моќ да биде светотворен, делотворен, духотворен, лечебен, да ги води душите од незнаење кон знаење, од темните подруми на несвеста кон светлите предели на свеста, од примитивност кон просветленост“, вели академик Ќулавкова.