Бесими: Ќе бидеме прва држава во светот што ќе ги индексира платите во јавниот сектор со просечната бруто плата

Министерот за финансии Фатмир Бесими смета дека барањата на синдикатите се легитимни зашто тие се борат за одржување на животниот стандард пред инфлацијата. На секоја средба со нив, рече вечерва, има атмосфера и волја да се дојде до решение, но тоа, напомена, мора да биде здраво, системско и одржливо.

Според Бесими, Македонија ќе биде прва држава во светот што ќе ги индексира платите во јавниот сектор со просечната бруто плата.

„Има неколку работи испреплетени со кризата, посебно кога зборуваме за инфлацијата – таа е феномен кој носи многу предизвици, а друг момент е и спиралата. Тука барањата на синдикатите се легитимни, зашто тие се борат за одржување на животниот стандрад пред инфлацијата. И ние за тоа се залагаме, но разговараме со нив за чекор понатаму. Разговорите се во тек, не можеме сите аспекти во детали да ги објавиме, зашто не се целосно усогласени, но генерално, начелно сме согласни и ќе бидеме прва држава во светот што ќе ги индексира платите во јавниот сектор со просечната бруто плата. Има примери со инфлација и со минимална плата, а со просечна бруто плата што е во интерес на вработените можеби ќе бидеме први што користиме ваков модел. Еден предлог е дека март 2025 целосно ќе биде, но очекуваме процесот да се заокружи“, истакна министерот во интервју за ТВ Сител.

Advertisements