Бислимоски: Зголемувањето на цената на водата не е некаков месечен трошок, нема потреба од популизам

Барањето за поскапување на водата е поднесено од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје во текот на ноември минатата година и ние не сакаме да се натегаме дали поднеле или не поднеле барање. Фактите се јасни – ние донесовме одлука согласно нивното барање и истата е во рамки на нормала и зголемување од седум денар не е некаков месечен трошок, затоа нема потреба од популизам, рече денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски.

Бислимоски рече дека од ЈП „Водовод и канализација“ побарале цената да биде околу 30, а максималната 57 денари.

„Имајќи во предвид дека цената на електричната енергија за јавните комунални претпријатија е субвенционирана од државата и дека таа субвенција ќе продолжи и во наредните три месеци таа одлука што ја донесовме ќе претрпи корекција и минималната цена која ќе ја донесеме во четврток ќе значи намалување на цената за вода во Град Скопје, додека максималната ќе биде таква каква што е. Оставаме на Водовод Скопје и нивниот Управен одбор да донесе одлука врз основа на нашата одлука, а потоа таа треба да се испрати до Советот на Град Скопје, рече Бислимоски во одговор на новинарско прашање пред почетокот на презентацијата на студијата „Ефектите од кризата со храна и енергија врз децата и семејствата во Северна Македонија“.

Advertisements