„Економската криза која ја предизвика КОВИД-19, а ја катализираше воената агресија на Русија врз Украина, се покажа како еден од пресвртните моменти од современата историја, која по обем и длабочина е една од најголемите кризи во нашата цивилизација“, рече заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи во неговиот говор на конференцијата „Традиционалните индустрии и креативните сектори испречени на патот на економска криза“, во организација на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Вицепремиерот Битиќи рече дека животот на кој бевме научени со децении, економските навики кои се градеа со генерации наеднаш беа исправени пред реалност која побара од нас премислување на нашето целокупно цивилизациско искуство и поставување на нови темели на идниот напредок и развој.
„Основниот ресурс на економијата, знаењето, креативноста и иновацијата добиваат нагласено значење во Четвртата индустриска револуција, во која дигитализацијата воведе нов квалитет во глобалната меѓузависност, во протокот на стоки, услуги, капитал, технологии и информации. Технолошките промени ги редуцираат трошоците на поврзување. Просторот, времето и брзината на економските активности се „згуснуваат“ и сè повеќе побаруваат не само работна сила со развиени дигитални вештини, туку и уште по специјализирано, способност да се биде дел од работни процеси во кои е интегрирана компонента на вештачка интелигенција“, кажа Битиќи.
За илустрација, рече вицепремиерот Битиќи, на тоа кои нови хоризонти се појавуваат пред економиите, вклучително и пред нашата, пред традиционалните индустрии, најдобро зборува податокот дека во 2013 година глобалното корпоративно инвестирање во вештачка интелигенција изнесувало само 14,57 милијарди долари, во 2021 година, годината кога економската активност е во сенка на пандемијата од КОВИД-19, имаме драматични 276,1 милијарда долари, покажуваат податоците во неодамна објавениот Индекс на вештачка интелигенција на Универзитетот „Стенфорд“ од САД.
„Ниту еден индустриски сектор не е исклучен од овој инвестициски бран, од финансии, па сè до рударство, практично секоја економска активност веќе ја интегрира вештачката интелигенција во своите процеси. Современици сме на промени кои темелно го форматираат севкупниот систем, кои од нас бараат брзи одговори, брзи моделирања и серија на економски политики, мерки и активности“, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи порача дека не можеме да си дозволиме да бидеме заробени во перспективите на минатото, процесите кои се пред нас и чиј дел сме, на кои се изложени бизнисите, институциите на системот, креаторите на одлуки, апсолутно исклучуваат било какви конзервативни позиции на менаџирање со општествените процеси.
„Северна Македонија својата институционална авангардност во овој домен веќе ја покажа, неодамна го воведовме првиот дигитален асистент АДА, како важен елемент во имплементирањето на националните економски политики за поддршка на нови инвестиции, но и како важен институционален исчекор во давањето на импулс во развојот на претприемачка свест во државата која ќе има изградено сензибилитет за значењето и неопходноста на дигиталната трансформација, посебно во сегментот на интегрирање на вештачката интелигенција во деловните процеси, како олеснителен фактор во остварувањето на економски успеси, односно редуцирање на трошоците и раст на приходите“, рече во неговиот говор Битиќи и додаде дека преку Планот за економски раст, кој Владата го усвои во 2017 година, се воведоа конкретни економски мерки кои се насочени токму кон поттикнување и поддршка на стопанството во развојот не неговиот иновативен потенцијал.
„Фондот за иновации и технолошки развој е централната институција за поттикнување и поддршка на иновативната дејност која е во функција на остварување забрзан технолошки развој, базиран на трансфер на знаење, на истражување за развој и на иновации што придонесуваат кон создавање нови работни места. Преку финансиските инструменти на оваа институција ко-финансирани се 1.080 проекти, со заедничка вредност на инвестициите од околу 112 милиони евра, од кои над 50% се стартап компании. Во делот на индустриското производство, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, донесен во 2018 година, Владата креира и имплементира уште една економска мерка која е насочена кон зајакнување на иновативните капацитети на стопанството преку технолошки развој и истражување, стекнување на нови знаења и вештини за развој на нови производи, процеси и услуги“, рече вицепремиерот Битиќи.
Заменик-претседателот на Владата, Битиќи во своето обраќање рече дека на самиот почеток од реализацијата на оваа мерка во 2018 година исплатена е поддршка во висина од околу 6,8 милиони денари, по што следува период на зголемен интерес на индустријата, предизвикано од пандемијата на КОВИД-19, со што во 2020 година исплатата на поддршка изнесуваше околу 15 милиони денари, за следната 2021 година биде околу 52 милиони денари, а минатата година околу 109 милиони денари.
„Овој раст во исплатите зборува дека во делот на традиционалната индустрија, преку истражување и развој, се зголемува свеста и потребата од градење на нови и иновативни пристапи во производството. Оваа Влада го знае вистинскиот пат за економски раст и развој на домашната економија и зајакнување на нејзината отпорност на големи надворешни економски турбуленции и шокови. Минатата година согласно Планот за економски раст, односно Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Фондот за иновации и технолошки развој, како и Законот за контрола на државна помош, беа исплатени 44,9 милиони евра државна поддршка на 645 компании за инвестиции кои ја зголемуваат нивната конкурентност преку нови производствени процеси, воведување на нови технологии и креирање на подобро платени работни места“, кажа Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи рече дека веќе сме навлезени во процес на создавање на Развојна стратегија на Северна Македонија за наредните 20 години, преку која ќе ги прошириме хоризонтите кои овозможуваат креативни идеи и ќе поставиме рамка за зајакнување на структурните системски карактеристики во насока на градење на капаците за одговор на кризи во дигитална доба.
„Влегувањето во ритам со овие глобални процеси на кои како држава сме изложени и градењето на потребните структурни капацитети отвора и една дополнителна димензија во потребата за непречено одвивање на евро-интегративните процеси и станувањето на полноправна земја-членка на ЕУ. Потребата за соработка, размена на знаење и искуства, никогаш не била понагласена, а за нејзино задоволување не постои друга алтернатива освен европската. Целите на Европската дигитална декада, за дигитално квалификувана популација и професионалци, за безбедни и одржливи дигитални инфраструктури, за дигитална трансформација на бизнисите, за дигитализација на услугите, се работи кои за граѓаните не можат ништо повеќе да значат од подобрување на нивните вештини и способности да дојдат до подобро платени работни места, а со тоа и до повисок животен стандард“, кажа во својот говор вицепремиерот Битиќи.
На крајот на своето обраќање, заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи порача дека Четвртата индустриска револуција пред традиционалното индустриско производство ги постави критериумите, кои треба да ги задоволи за да ја задржи својата конкурентност и отпорност на економски кризи.
„Капацитетите за обработка и анализа на голема количина на податоци, автономни роботи, симулации, хоризонтални и вертикални интеграции на системи, кибернетска сигурност, имплементирање на технологија на „облаци“, се само дел од работите кои глобалните економски процеси ги испорачуваат пред традиционалните индустрии и во нашата земја, а кои воедно ја поставуваат и рамката на нашата визија за раст и развој на македонското стопанство. Како Влада нема да дозволиме никој да биде оставен сам и далеку од овие процеси, ниту граѓаните, ниту компаниите“, рече Битиќи.