Регионалната соработка е клучна за надминување на енергетската криза, решавањето на проблемите кои произлегоа од оваа криза не може да се решат индивидуално, туку заедно со меѓусебна поврзаност и конкурентност, порача Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инветиции, Фатмир Битиќи, на панел-дискусија посветена на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, насловена „Интензивирана соработка: Обновениот Берлински процес и иднината на регионалната соработка во Југоисточна Европа“, која се одржа денес во Скопје.
„Буџетската поддршка од 80 милиони евра која Европската Унија ни ја дава за справување со кризата за нас е важна, но за регионот се исклучително важни тие 500 милиони евра кои ЕУ ќе ги обезбеди за земјите од Западен Балкан за заеднички инвестиции во енергетска стабилност и диверзификација“, рече Битиќи.
Тој истакна дека реализацијата на Зелената агенда за Балканот бара регионална соработка и градење на регионално усогласени зелени политики.
„Во однос на постигнувањето на климатските цели и постигнувањето на економија со нула емисии, најголем предизвик е декарбонизација, бидејќи од една страна се соочуваме со енергетска криза, а од друга страна со застарени технологии во најголемите енергетски капацитети“, рече Битиќи на панел-дискусијата.
Осврнувајќи се на инфраструктурното поврзување во регионот, вицепремиерот Битиќи истакна дека се отвораат нови можности за граѓаните и за економијата, со градењето и модернизирањето на Коридор 8, а со цел забрзана интеграција на целиот Западен Балкан.
„Определбата на приватниот сектор е дека воведувањето на регион со целосна примена на четирите слободи, слободно движење на лица, стоки, услуги и капитал низ регионот на Западен Балкан, е клучно за обезбедување на поконкурентни и резистентни компании во регионот, и Берлинскиот процес игра клучна улога во реализацијата на оваа цел“, рече Битиќи.
Тој истакна дека еден од клучните фактори за изградба на просперитетен и привлечен регион за инвестиции е регионално ревитализирање и изградба на технолошка, научна и истражувачка инфраструктура.
„Со последните измени на Законот за енергетика обезбеден е и правен основ за развој на овој национален план за развој на енергија и клима и на две години ќе се прави посебен извештај за реализација на мерките кои се предвидени на националниот план за енергетика и клима. Во овој план се предвидени 63 конкретни политики и мерки, но се во различни дејности и сектори“, рече Битиќи.