Битиќи: Се создаваат нови можности за вработување на граѓаните преку инвестирање во органски прехранбени производи

„Пазарот на органска храна рапидно се шири во последните години и се очекува да продолжи да расте во наредните години. Инвестирањето во органски прехранбени производи може да обезбеди можност за инвеститорите да имаат корист од овој тренд, и секако, за нашите граѓани нови можности за вработување“, рече вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи при посетата компанијата „ЕКО – ГРУП“ во Кавадарци, која се занимава со преработка и конзервирање на овошје и зеленчук, вегански и сертифицирани органски производи според регулативата на ЕУ.

Вицепремиерот Битиќи изјави дека се работи за релативно млада компанија која своите почетоци ги има во 2017 година, но која преку нејзиниот паметен-бизнис пристап и усвојувањето на најсовремените деловни практики успева да ги освои меѓународните пазари.

„Се радувам на вакви убави бизнис приказни кои претставуваат инспирација и мотив за сите жени претприемачки во нашата земја. Компанијата се занимава со преработка и конзервирање на овошје и зеленчук, вегански и сертифицирани органски производи според регулативата на ЕУ, со високо ниво на додадена вредност со палета од над 70 уникатни органски производи. Токму затоа производите на „ЕКО ГРУП ОЦП“ денес можат да се најдат на пазарите во Бугарија, Црна Гора, Хрватска и Швајцарија“, изјави Битиќи.

Advertisements

Вицепремиерот Битиќи посочи дека суровините кои ги користи оваа компанија во поголем дел се од македонско потекло, со што обезбедува поддршка и за домашните производители што пак доведува до поголеми можности за работа, зголемен приход и постабилна економска средина.

„Како Влада покажавме на дело дека сме посветени и истрајни во нашата намера на транспарентен начин да ги поддржуваме домашните компании во нивните напори за унапредување на производството, конкурентноста и отворањето на нови работни места“, изјави вицепремиерот Битиќи и потсети дека компанијата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите во 2021 година започна петгодишен инвестициски циклус во делот на поддршка за пораст на капитални инвестиции и приходи и поддршка за зголемување на конкурентност на пазарот.