„Владата на Република Северна Македонија на младите им нуди јасна слика и визија за иднината на нашата земја, во која тие може да ги препознаат своите потреби и интереси, и можностите за личен индивидуален развој“, кажа заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во неговиот говор на јавната дискусија за Предлог – текстот за новата национална стратегија за млади 2023-2027, во организација на Агенцијата за млади и спорт.
Вицепремиерот Битиќи за дискусијата по предлог текстот на Националната стратегија за млади 2023-2027 година, рече дека преставува уште еден институционален исчекор во градењето на политички амбиент, насочен кон ослободување на целокупниот потенцијал акумулиран кај младите и негово ставање во функција на напредокот и развојот на целокупното наше општество, и има фундаментално значење во пронаоѓањето на смисла младите да сакаат да продолжат да живеат во нашата земја.
„Она што охрабрува е што оваа Стратегија не е регистар на желби или идеи за тоа како да се унапреди улогата на младите во земјава или како да се артикулираат и заштитат нивните интереси. Туку напротив, темелноста и сериозноста на оваа Стратегија добива на значење со тоа што во нејзините основи лежи процес на емпириско истражување на младинските трендови, спроведено на примерок од 1.200 млади луѓе, регионално рамномерно застапени од осумте плански региони, преку кои се дефинирани проблемите и предизвиците за кои Стратегијата нуди решенија“, подвлече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи рече дека Стратегијата е резултат на инклузивен процес во кој е опфатен широк опсег на консултативни средби, а со цел јасно дефинирање на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот контекст во кои живеат младите во нашата држава.
„Младите се авангардниот дел на секое општество, неговата витална енергија и основна мотивација за креирање на развојни политики кои ги поставуваат фундаментите на просперитетот и благосостојбата на заедницата“, рече Битиќи и посочи на важноста институционално да се изгради младински сензибилитет во креирањето на јавните политики, истите да бидат заштитени од сиромаштија и социјална исклученост, сè со цел нивната визија и амбиции да бидат насочени кон нашата држава.
„Како Влада креиравме конкретни мерки кои се насочени кон младите. Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023 година се насочивме кон креирање нови работни места и зголемување на можностите за вработување на младите. За оние до 23 години возраст кои работат во производство воведовме дополнителен додаток на плата од 3.000 денари. Како Влада правиме сѐ за младите да останат овде и да препознаат реални шанси за личен успех. Со изработката на Националната развојна стратегија 2022-2042 како Влада пред младите за прв пат нудиме јасна слика и визија за иднината на нашата земја во следните 20 години, во која тие може да ги препознаат своите потреби и интереси, можности за личен индивидуален развој“, кажа Битиќи.
Во неговото обраќање, вицепремиерот Битиќи посочи дека процесот на креирање на Националната развојна стратегија се спроведува преку изграден сензибилитет за вештините и способностите што треба да ги креираме како општество за постигнување на целите за одржлив развој на нашата држава, со што и целите и намерите на Националната стратегија за млади 2023-2027 се комплементарни.
„Градењето на институционални капацитети за одговор на краткорочните и долгорочните глобални предизвици на кои како држава сме и ќе бидеме изложени не може да го заобиколи ниту развојот на младинските потенцијали.
Најважниот сегмент на кој како Влада неуморно работиме, а кој отвора реални можности за напредок и развојни перспективи за младите, е забрзување на евроинтегративните процеси. Искрено остануваме посветени во напорите Северна Македонија да ја изградиме во европски дом за младите, во кој тие системски ќе бидат вклучени во креирањето и спроведувањето на јавните политики“, рече Битиќи.
На крајот, заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, изјави дека Владата со сите свои капацитети максимално ќе се посвети во давањето на неопходната институционална поддршка во имплементацијата, мониторингот и евалуацијата на оваа стратегија.
Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт изјави дека Националната стратегија за млади 2023-2027 претставува стратешки документ со кој се утврдуваат целите и приоритетите за развој на младинските политики и унапредување на интересите на младите во Република Северна Македонија. Главната цел на стратегијата е да ја унапреди положбата на младите во општеството преку овозможување на младите да ги остварат своите права, потреби и интереси.
„Агенцијата за млади и спорт e главниот носител на процесот на изработка на Националната стратегија за млади 2023-2027. Националната стратегија за млади е стратешки документ кој произлегува од обврските дефинирани со Законот за младинско учество и младински политики.
Стратегијата опфаќа осум тематски области: младинско учество, младинско информирање, младинска работа, образование, култура, здравје, претприемништво и поддршка пред вработување и безбедност“, изјави Мојсовски.
На настанот се и Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Росана Дуџак, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија, Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП и Афродита Шаља, шеф на канцеларијата на УНФПА во Скопје.