Постојат реални основи граѓаните од 1 јули повторно во своите домови да користат евтина струја во одреден временски интервал од 2 или 3 часа во текот на денот, во период кога имаат најголема потреба за задоволување на домашните потреби за струја, што ќе значи големо олеснување на семејниот буџет преку намалување на сметките за струја, најавува во интервју за „Цивил Медиа“, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
„Ова е возможно откако цените на електричната енергија како на регионално така и на локално ниво во изминативе месеци се стабилизираа. Од друга страна енормното зголемување на инсталирани фотоволтаични централи, како во нашата држава, така и во регионот, креира вишоци на произведена електрична енергија во периодот од пладне во наредните неколку часа што може да се увиди ако подетално се анализираат цените на електричната енергија на регионалната HUPX, или на домашната берза на електрична енергија МЕМО кога во одредени денови во овој временски интервал има и негативна цена на електричната енергија“, вели Битиќи.