Сите административни службеници, 27.000, ќе добијат линеарно зголемување колку што е покачувањето на минималната плата, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во дебатната емисија „Клан Дебата“ на Тв Клан.
„Тука спаѓаат вработените во секторот за социјални услуги, како и работниците во секторот култура, кои се околу три илјади. Сите други сектори кои не ги усогласија законите за плата, во наредниот период ќе треба да усогласат одредени закони. Затоа ги повикавме синдикатите на состанок следната недела за колективниот договор во јавниот сектор, додека во приватниот, оваа останува на работодавците да го направат“, рече Битиќи.
Во однос мерките што Владата ги презема за справување со економската криза, тој посочи дека од оваа недела ќе стапат на сила и други мерки, освен таа за замрзнување на цената на лебот како резултат на неетичкото однесување на економските оператори.
„Во октомври минатата година, по дискусија со производителите на храна, донесовме мерка за субвенционирањето на струјата што ќе спречи поскапување, но овој договор не беше испочитуван.
Затоа сега ја имаме мерката за замрзнување на цените која ќе важи и во периодот кога компаниите нема да користат субвенционирана струја. До стабилизирање на цената на производите на пазарот ќе продолжиме со мерката замрзнување на цените бидејќи е крајно време секој учесник во општествениот живот да се однесува морално“, изјави Битиќи кој информираше дека од 16 март на сила ќе стапи замрзнувањето на цените на млечните производи и тестенините, но и дека се прават анализи за евентуално замрзнување на цените и на дел од други основни прехранбени производи.