Денеска стапи на сила ограничувањето на цената на руската нафта од 60 долари за барел договорено од Европската унија , Г7 и Австралија, како и забраната за увоз на руска нафта во Еу, со неколку исклучоци.
Според Ројтерс бидејќи клучните светски транспортни и осигурителни компании се лоцирани во земјите на Г7, ограничувањето на цената може да и отежне на Москва да продава нафта за повисока цена. Москва не се согласува со одлуката, дури ако треба и ќе го намали производството.
Александар Новак, потпретседателот на руската влада задолжен за енергетика, рече дека работат на механизми за забрана на употребата на инструментот за ограничување на цените, без оглед на нивото на кое е поставено, бидејќи таквото мешање според него може дополнително да го дестабилизира пазарот.
Драстичен пад на цената на нафтата бележат светските берзи. Откако европските берзи, нафтата брент ја тргуваа за околу 80 долари за барел, попладнево американските трговци ја спуштија под 80 долари.
Падот на побарувачката во Европа, најавите на ФЕД за затегање на монетарната политика, како и одлуката на ОПЕК + да остане на договореното од ноември, придонесе светските трговци да забават со побарувачката.
Трендот ќе продолжи во надолна линија, прогнозираат берзанските аналитичари.