Преку Законот за стратешки инвестиции имаме десет активни, одобрени проекти во сегментот на стратешки инвестиции во енергетиката, во зелената економија, со вредност од 2,2 милијарди евра. Станува збор за инвестиции со 100 отсто приватен капитал, кои ќе треба да ги поминат собраниските процедури, соопшти вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи на годишната конференција „Година за нови можности“, на панелот „Инвестиции и економски раст во услови на криза”.
Во своето обраќање вицепремиерот Битиќи рече дека минатата година е рекордна во делот на поддршка на компании од производствениот сектор, односно 433 компании се поддржани од Буџетот со 45 милиони евра, што е зголемување за 107 отсто во однос на 2021 година.
Во однос на борбата против корупција, вицепремиерот Битиќи ја истакна дигитализацијата како значаен фактор.
„Затоа заедно со Фондот за технолошки иновации направивме предизвик со тоа што ги поканивме нашите успешни старт-апи, поддржани од ФИТР, но и останати, да направат дигитален асистент. Веројатно тогаш никој не веруваше во овие зборови за дигитален асистент, но сметаме дека дигитализацијата е одговор за сите недостатоци нотирани во извештаи, па и Извештајот на Стејт департментот за борба против корупцијата и организиран криминал“, рече Битиќи.
Според него, во оваа борба треба да се отстрани колку што е можно човечкиот фактор, но и транспарентноста во процесот на поддршка на инвестициите.
„Затоа е изготвена „Ада“, која е првиот дигитален асистент, којшто е некогаш поставен во јавниот сектор. Инаку, „Ада“ е промената на дело, којашто сите ние треба да ја направиме наредните години за да го постигнеме посакуваниот развој. Нашата „Ада“ е нашиот одговор, асистент заснован на вештачка интелегенција, којшто ќе дава информации за инвестиции и наредниот месец ќе биде детално промовирана“, рече Битиќи, додавајќи дека така ќе се отстрани човечкиот фактор.