Димитриевска – Кочовска: Успеавме да го задржиме кредитниот рејтинг и покрај сите оставени проблеми од минатиот период

Покрај сите предизвици со кои се соочивме успеавме да ги консолидираме, да ги исконтролираме и да ги стабилизираме јавните финансии и да ги испланираме до крајот на годината, а сето она што го направивме  доби потврда и од Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, која го потврди кредитниот рејтинг на земјата, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во ТВ Сител.

„Голем предизвик беше да се надминат сите оние проблеми што беа оставени од минатиот период и заради тоа презадоволни сме што успеавме да го задржиме кредитниот рејтинг. Тоа е важно од аспект на каматните стапки што ги добиваме кога издаваме еврообврзници на меѓународниот пазар, но уште поважно е што од него зависи интересот на инвеститорите, рече министерката која додаде дека е важно што „Фич“ дава позитивни проекции за иднината, а кои се темелат врз основа на политиките што се планираат, а кои се споделени со „Фич“ на разговорите во Министерството за финансии.

Tаа појасни дека проекциите на „Фич“ се во линија со проекциите од Фискалната стратегија, која е усвоена минатата недела од страна на Владата, и дека се очекува во 2025 година консолидација, стабилизација во делот на буџетскиот дефицит и јавниот долг.

Advertisements

„Веќе го завршуваме буџетот за 2025 година и со новиот буџет буџетскиот дефицит ќе биде не повеќе од 4%, стапката на раст меѓу 3,5% и 3,7%, а инфлација под 3% и да нема зголемување на цените“, потенцира министерката.

Таа додаде дека растот се темели на инветиции, поддршка на приватниот сектор, проекти во општините, инфраструктурни проекти и слично и дека на среден рок со поголем раст на БДП ќе се намали и јавниот долг.

Во интервјуто во врска со состојбата на државната каса, потенцира дека во септември има посериозно наплата на буџетските приходи и тоа како во делот на Царинската управа, така и во Управата за јавни приходи.

„Станува збор за многу краток период, но имаме одлични резултати. Над 20% раст на приходите во Царината, повеќе од 15% на приходите од ДДВ. Позитивни резултати има кај сите даноци, освен мало потфрлање на данокот на добивка“, рече министерката за финансии.

Таа најави дека договорот за кредитот од Унгарската експорт-импорт банка ќе се потпише во вторник и дека средствата треба да бидат уплатени до крајот на неделата.